сабота, 27 јули 2024

Мицевски: Нема причина да не бидат изгласани преструктуирањата на министерствата

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата. „Предлог законот е во финална фаза на изработка и очекувам да биде донесен пред изборот на новата влада на Христијан Мицкоски’, рече Мицевски.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните“, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.

Тој соопшти дека при крај е целото законско решение и очекува деновиве официјално да биде поднесено.

„Ќе ги запознаеме и јавноста и колегите од другите пратенички групи, врз основа на што очекуваме да ја добиеме поддршката. Во тек се завршните консултации по одредени делови во законот“, рече Мицевски.

Додаде дека за него поприоритетно во моментот е да се формираат комисиите, односно работните тела за да можат сите овие закони да поминат низ соодветните комисии.

„Во моментот ги имаме формирано само Верификациската комисија и Комисијата за прашања на именувања и изборите. Очекувам во текот на денот и наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално“, рече Мицевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ