петок, 10 јануари 2025

Метаморфозис и европската мрежа го осудија Закерберг, „крај на една срамна епизода на проверка на факти“

Поврзувањето на проверката на фактите со цензурата е штетно бидејќи таквите лажни тврдења се една од движечките сили зад вознемирувањето и нападите врз проверувачите на факти, го пренесе официјалниот став на Европската мрежа за стандарди за проверка на факти фондацијата Метаморфозис, која е еден од основачите и членка на оваа мрежа, а во Македонија ја спроведува таа проверка на факти. За политичката злоупотреба на „фактчекерството“ во Македонија имаше многу реакции од новинари, медиуми и други организации.

Објавено на

часот

Сподели

Извршниот директор на Мета Марк Закерберг пред три дена соопшти дека ќе ги отстрани фактчекерите (тимовите кои досега ги проверуваа „фактите“) и ќе ги замени со таканаречени „белешки на читатели“, кои ги генерираат корисниците. Таков систем се користи на социјалната мрежа Икс.

На ова веднаш реагираа од Европската мрежа за стандарди за проверка на факти (ЕФЦСН) и соопштија дека се разочарани од одлуката на Мета (компанијата што го поседува Фејсбук) да ја прекине својата програма за проверка на факти почнувајќи од САД. Од ЕФЦСН силно ги осудија изјавите на Закерберг, сопственикот на Фејсбук, кои ја поврзуваат проверката на фактите со цензурата.

„Ова повеќе изгледа како политички мотивиран потег направен во контекст на идната администрација на Доналд Трамп во САД отколку на одлука заснована на докази“, изјави Клара Хименез Круз, претседателка на ЕФЦСН.

Мрежата ја охрабрува Европската Унија да се спротистави на политичкиот притисок и да не дозволи тој да ги наруши нејзините напори за справување со ширењето на дезинформации на големите онлајн платформи. Како што потенцираат оттаму, проверката на факти не е цензура и таа дава контекст и факти за секој граѓанин врз основа на кои потоа самиот си одлучува. Проверката на фактите е докажана како ефикасна во борбата против дезинформациите.

„Поистоветувањето на проверката на фактите со цензурата е лажно и злонамерно тврдење. Проверувачите на факти не ‘цензурираат’ никого. Нашите членови истражуваат и објавуваат докази за потенцијално лажни тврдења. Отсекогаш била одлука на Мета што да прави со етикетата за проверка на факти за содржината, а не наша“, наведено е во соопштението на ЕФЦСН.

Закерберг изјави дека „проверувачите на факти едноставно беа премногу политички пристрасни и уништија повеќе доверба отколку што создадоа“.

„Ова е лага. Проверувачите на факти се водат според највисоките новинарски стандарди за непристрасно известување, транспарентност, интегритет и одговорност, при што организациите како ЕФЦСН ги поддржуваат овие стандарди преку независно спроведена ревизија. Поврзувањето на проверката на фактите со цензурата е штетно бидејќи таквите лажни тврдења се една од движечките сили зад вознемирувањето и нападите врз проверувачите на факти. Дополнително, овие тврдења може само да го влошат и онака горливото прашање кое влијае врз проверувачите на факти ширум светот“, се вели во реакцијата на ЕФЦСН.

Сепак, не само во Македонија, бројни беа реакциите на новинарите и медиумите за тоа дека овие фактчекери се претворија во алатка за цензурирање. На минатоготишната средба на поголем број уредници од Македонија со одговорни лица од бриселската администрација им беше укажано токму на тоа како проверката на факти се претвори во политичка алатка и цензура.

Еве како на ова реагира и амбасадорот Ивица Боцевски, кој изминатите години како колумнист често беше присутен во јавноста.

„Проверката на факти беше неуспешен, грд и злокобен обид да се сокрие тоа што овие ‘структури’ го правеа, а тоа беше соголена, брутална и политизирана ЦЕНЗУРА. Најдобар лек против дезинформациите е слободата на говорот, отворената дебата и непречен пристап на јавноста до сите гласови, гласини и шумолења.

Доказ дека една идеја, политичка, културна или каква било, е во залез се гледа токму во поривот за ЦЕНЗУРА. Сите овие изминати години, за жал, социјалните мрежи ставија субјективни филтри, олицетворени во ‘проверувачите на факти’, како глобално, така и во Македонија. Се доведовме во апсурдна ситуација и колумни, што ќе рече мислења, да бидат предмет на ‘проверка’.

Ова е срамен крај за некои иницијативи кои што беа испилени со мисија да се борат за проширување на хоризонтите на слободата, а наместо тоа се претворија во официјални тела на ЦЕНЗУРАТА.

Во Македонија, како и во секоја пост-комунистичка земја, сме премногу цинични кога станува збор за слободата на говорот, но и доволно свесни, обучени и способни ‘да читаме меѓу редови’.

Не сум сигурен дека борбата за слобода на говорот е извојувана, а таа никогаш нема ни конечен крај. Секогаш ќе има некој центар на моќ кој што ќе сака да ја засили својата информација, да ја потисне непријатната вистина и да востоличи само еден канал на комуникација. Но, редно е да се прослави крајот на оваа срамна епизода на ‘проверка на факти’ која што беше најсериозна закана за слободата на говорот во дигиталната епоха и најзначајната институција за ЦЕНЗУРА на Интернет.

Мала победа за слободата на говорот во едно време – невреме кога слободата е загрозена и на сите меридијани, но и во дигиталниот простор“, напиша Боцевски на својот фејсбук-профил.

A.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ