сабота, 1 март 2025

Meшовит парламентарен комитет ЕУ-Македонија: Проширувањето повисоко на дневниот ред

Македонија сега е во една ситуација која треба да се искористи, во едни поинакви геополитички околности кои го поставуваат прашањето на проширувањето повисоко на дневниот ред на некои други институции на Европската Унија, не само во Европскиот Парламент, изјави за МИА европратеникот Карло Реслер, кој заедно со Иванка Василевска се копретседавачи на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Реслер, кој беше во Скопје во изминатите два дена заедно со неговите колеги од ЕП членови на Мешовитиот парламентарен комитет, рече дека тие се увериле во преданоста на Македонија на европскиот пат и дека клучната порака на делегацијата што ја предводел била сите да се насочиме кон иднината.

„Пред сѐ, нема дилема дека се уверивме во преданоста на Северна Македонија на европскиот пат. Јасно е дека по, практично, две десетлетија како земја – кандидатка, во Северна Македонија се чувствува и фрустрација после цела низа тешки и билатерални прашања кои без никакво сомнение и, во голем дел, разбирливо ја тестира довербата и трпението на македонското општество и тоа е контекстот во којшто сме денеска. Исто така е јасно дека треба и сакаме да се насочиме кон иднината и дека тоа беше клучната порака на делегацијата што ја предводев, која го претставува целиот Парламент и која зборува дека Северна Македонија сега е во една ситуација која треба се искористи, во едни поинакви геополитички околности кои го поставуваат прашањето на проширувањето повисоко на дневниот ред на некои други институции на ЕУ, не само во Европскиот парламент кој е традиционално пријателски настроен и кон Северна Македонија, но исто така и кон прашањето за проширувањето“, нагласува Реслер.

Во таков контекст, потенцира тој, сега треба да се искористи можноста бидејќи не е јасно до кога ќе бидат вакви околностите. „А тоа се работи со конкретни резултати, со реформи. Разговаравме и со претседателот на Владата и со претседателот на Собранието“, рече европратеникот.

На прашањето дали по промената на американската администрација и новите геополитички поместување може да се очекува ЕУ да го забрза процесот на интеграција, Реслер се согласува дека тоа прашање станува поважно од порано.

„Цела Европа живее во еден се поопасен свет каде тектонски промени се случуваат преку ноќ и во таков контекст прашањето на проширувањето, да, станува поважно од порано. И исто така свесноста е поголема дека меѓу Хрватска и Грција не се наоѓа некаков сив, црн простор туку дека се наоѓа некаков интегративен дел на Европа и дека вистинскиот процес на европската интеграција ќе биде завршен кога сите шест држави од Западниот Балкан – Југоисточниот дел на Европа бидат интегрирани во европското семејство. Мислам дека таков императив, таква свест постои“, вели хрватскиот европратеник.

Сепак, нагласува дека тоа зависи од двете страни, да го направат својот дел од работата, да се обидат да обезбедат Северна Македонија и останатите земји да бидат поблиску до Европа во една правна смисла, но и во поширока вистинска цивилизациска смисла. Тоа е она за што, како што вели Реслер, македонското општество сведочи со векови, со богата традиција, идентитет, историја и тие нема да изгубат на важност туку токму спротивно, внатре во ЕУ треба и ќе биде збогатен подеднакво како што тоа беа националните идентитети на другите суверени држави кои сега живеат и соработуваат, во сега, се потешките услови во Европа.

Копретседавачка од македонскиот Парламент беше пратеничката Иванка Василевска, која нагласи дека Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија изминатите два дена во Скопје разговарал за клучните теми кои го тангираат евроинтеграцискиот процес на македонската држава.

„Од сегашните колеги од Европарламентот, со потпретседателот Карло водевме навистина динамичен и содржаен состанок којшто беше поделен во двата дена, на темите како што се правната држава и владеење на правото, корупција, добрососедски односи и меѓусебна билатерална и регионална соработка. Секако слободата на говорот, слободата на медиумите и граѓанските организации. Ги фативме и темите на транспорт, инфраструктура бидејќи цениме дека е тоа тема која што не допира сите во 21 век и како можност да ги развиваме овие процеси и во иднина, животната средина, здравејто на луѓето и секако, најактуелната тема на светско ниво тоа е вештачката интелегенција и сајбер безбедноста“, рече Василевска.

Главната порака од 23. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- Македонија, потенцира пратеничката, е заеднички со колегите од ЕП да помогнат во процесот на асоцијација на македонската држава во европското семејство.

„Имаше навистина конструктивни предлози, конструктивни дискусии и огромна енергија позитивна и поддршка кон, нели, можноста да се најдат заеднички јазик за придвижување на процесите. ЕУ е огромен организам во чиишто рамки во сите правила и принципи и по географија, но и по идеологија припаѓа на нашата држава. Но за нас не е само поединечна игра, туку би рекла регионот на Западен Балкан. На тој начин нам ни се чини дека ќе отвориме ново поглавје во светската историја, бидејќи ќе ги прекинеме старите парадагми и оние нели ретроактивни процеси коишто ја уназадуваат оваа патека. Од таму навистина имавме активно и проактивно дејствување и секогаш контактот со нашите колеги од Брисел ни помага во многу аспекти, не само во поттикнувањето за развојот на демократските процеси, туку и нели наоѓаме начини да разговараме на теми со парадигмата на 21 век“, вели Василевска во изјавата за МИА.

Делегацијата, предводена од хрватскиот европратеник Карло Реслер, копретседавач на овој заеднички комитет е составена од 13 пратеници од речиси сите политички партии застапени во Европскиот парламент, вклучувајќи го и Томас Вајц, известител за Република Северна Македонија во Европскиот парламент.

Мешовитиот комитет усвои 24 препораки: Геополитичките предизвици создадоа нов поттик за процесот на пристапување

Мешовитиот парламентарен комитет размени мислења за односите меѓу Европската Унија и Македонија за фундаменталните права и слободата на говор, владеењето на  правото и борбата против корупцијата, добрососедските односи, регионалната соработка и регионалната безбедност, медиумите и граѓанското општество, прашањата за животната средина, економијата и енергетиката, транспортната и инфраструктурната поврзаност и вештачката интелигенција и сајбер безбедноста.

Членовите на МПК ЕУ-СМ цврсто веруваат дека проширувањето е двигател на просперитет и безбедност, унапредување на демократските општества и економските и социјалните услови, и за намалување на разликите меѓу земјите и потенцира дека брзите промени во геополитичките предизвици создадоа нов поттик за процесот на пристапување. Позитивно се оценува одвојувањето на средствата од шест милијарди евра за реформи и раст за Западен Балкан, како поткрепа на Планот за реформи и раст на Комисијата, како пресвртник и уникатна можност за земјите да пристапат до некои придобивки од членството во ЕУ пред пристапувањето.

Се поздравува стратешката ориентација на Македонија кон интеграцијата во ЕУ што го одразува консензусот меѓу политичките партии и поддршката меѓу граѓаните. Се повикува на натамошен внатрешен дијалог меѓу сите засегнати страни и да се задржи фокусот на оваа стратешка цел.

„Секоја земја треба да се оценува според сопствените достигнувања и процесот на пристапување не треба да се злоупотребува за решавање на билатералните спорови; особено во овој критичен геополитички момент, се наведува во усвоениот документ.

Се потврдува нивото на подготовка на Македонија во клучните области и континуитетот на посветеноста, и покрај предизвиците за забрзување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областите на фундаменталните вредности, владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување, ефективни демократски механизми и институции, почитување на владеењето на правото и човековите права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на сите малцинства и ранливи групи и нивната социјална и економска инклузивност, истовремено нотирајќи за приоритетната потреба за осврнување на преостанатите недостатоци во фундаменталните вредности. Ја нагласува важноста на политичката одговорност на сите нивоа на управување за да се зајакне довербата во институциите, го поздравува усогласувањето на земјата со законодавството на ЕУ од околу 50% како важна пресвртница постигната низ годините и значаен показател за можноста од полноправно членство до 2030 година, под услов да се исполнат сите неопходни критериуми. Исто така се нагласува и потребата Северна Македонија да го заштити институционалниот интегритет и да ги поддржува демократските принципи, особено во контекст на зголемените обиди за дестабилизација низ Европа.

„Ги охрабрува напорите за преземање одлучни чекори за забрзување на спроведувањето на ЕУ реформите и за напредок во преговарачкиот процес за пристапување во ЕУ, за кои од витално значење е меѓупартиската парламентарна соработка, ги повикува релевантните засегнати страни да го искористат сегашниот моментум на процесот на проширување, работејќи конструктивно и во духот на консензус на реформите поврзани со ЕУ“, стои, меѓудругото, во документот.

null

Се „пофалува и посветеноста за негување добрососедски односи и нејзината улога како модел за мирно решавање на билатералните спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање“. Во таа смисла се потсетува дека билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучувајќи го Договорот од Преспа со Грција и Договорот со Бугарија како суштински за инклузивна регионална соработка и добрососедски односи и повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји за да се поттикне меѓусебната доверба.

„Го забележува стабилното и целосно усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во врска со руската воена агресија против Украина, испраќајќи силен сигнал за нејзиниот стратешки избор за членство во ЕУ и покажувајќи се уште еднаш како доверлив партнер. Го поздравува континуираниот придонес на Северна Македонија во мисиите на ЕУ за управување со кризи и операциите предводени од НАТО“, пишува во заклучоците.

Се охрабруваат сите политички чинители да продолжат со спроведувањето на претходно преземените обврски, потсетувајќи дека актуелно процесот е целосно зависен од Владата и Собранието, и ги поддржува тековните напори за донесување на уставните измени како финален предуслов за отворање на преговори. Се повикува на дополнителни насоки и обезбедување транспарентност во однос на идните чекори за пристапување за да се одржи моментумот и ги повикуваат и институционалните чинители да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување и гаранции дека тој ќе продолжи строго според моментално постоечките заклучоци на Советот, според критериумите од Копенхаген, сопствените заслуги на земјата и негувањето на добрососедските односи.

Се поздравува и успешното финализирање на процесот на скрининг за Северна Македонија на крајот на 2023 година и повикува на влегување во следната фаза од преговорите без понатамошно одлагање.

Ги повикува владите на Македонија и на соседните земји да работат конструктивно заедно за да ги отстранат преостанатите пречки за продолжување со пристапните преговори, истовремено повторувајќи дека билатералните прашања мора да се држат одвоени од процесот на пристапување, стои, нмеѓудругото, во документот.

null

Земјите-кандидати, се потсетува во документот, треба да се оценуваат врз основа на нивните сопствени заслуги во исполнувањето на објективните критериуми за пристапување, вклучително и нивното спроведување на реформите поврзани со ЕУ и усогласувањето на нивната политика со ЗНБП, како што се позициите и рестриктивните мерки усвоени како одговор на руската агресивна војна против Украина.

Се поздравуваат и напорите што земјата ги прави за реформа на јавната администрација и за усвојување на потребното законодавство, како и веќе усвоените реформи кои придонесуваат за одговорност, воведување проценки на влијанието при создавање на нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници. Се нагласува и, како што се потенцира, огромната важност од понатамошно продолжување и забрзување на реформата на судството и зајакнување на правната основа за независен, професионален, транспарентен и непристрасен систем, со што ќе се зголеми неговиот кредибилитет и доверба во јавноста, во согласност со договорените реформи на ЕУ, вклучително и во судските назначувања и функционирањето на Судскиот совет. Се повикуваат сите релевантни чинители целосно да ја почитуваат независноста на судството, но и да ја заштитуваат судската независност од политичко мешање.

Се охрабрува продолжувањето на претстојната изборна реформа, која треба да се спроведе на транспарентен и инклузивен начин и да ги адресира сите релевантни препораки на ОБСЕ, Канцеларијата за демократски институции и човекови права и Венецијанската комисија, вклучително и за транспарентност во финансирањето на политичките партии и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик.

Гаши: Се надевам и посакувам дека со новата Влада во Софија ќе имаме поинтензивна комуникација

Со членовите на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија средба во текот на вчерашниот ден имаше и претседателот на Собранието Африм Гаши. Во изјавата за медиумите по средбата со новинарите во Парламентот, Гаши изјави дека главното прашање за кое се разговарало е како да продолжиме понатаму за што побргу зачленување на нашата држава во ЕУ.

„Знаете дека последната препрека ни се уставните измени односно да се најде еден вид гаранција и да се сочува процесот како да пристапиме кон уставни измени, а во иднина да немаме покренување на прашања кои се однесуваат на идентитетските прашања, кои се сложуваме сите дека се тешко решливи и се вон доменот на копенхашките критериуми за зачленување на државите во ЕУ. Јас се надевам и посакувам дека со новата Влада во Софија ќе имаме поинтензивна комуникација, исто така и Брисел, и сите пратеници, се желни да ни помогнат во тој процес. И многу се надевам и посакувам што побргу да го затвориме ова прашање, да ги започнеме преговорите и што побргу и да ги затвориме и да станеме членка на ЕУ“, рече претседателот на Собранието.

Во соопштението од собраниската прес-служба беше посочено дека на средбата европратениците истакнале оти во моментот во однос на проширувањето на ЕУ постои прозорец на можности кој треба да се искористи а информирале и дека Европскиот парламент како приоритет ја поставува зајакнатата соработка со парламентите на земјите од Западен Балкан.

На почетокот на 23. сесија во четвртокот министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека оваа година означува две децении откако нашата земја доби кандидатски статус за членство во ЕУ, 20 години на реформи, компромиси, често тешки и болни одлуки, но одлуки кои се носени од визијата за европската иднина.

„Во тој долг процес македонските граѓани останаа посветени на европските вредности и покрај предизвиците и разочарувањата на овој долг пат. Но, денес повеќе од кога било потребни се јасност, предвидливост и решителност во нашиот интегративен процес. Потребни ни се конкретни чекори, а не само декларативна поддршка. Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат искрено во европскиот проект“, нагласи Муцунски.

Според него, Владата со несмален интензитет ги продолжува реформите. „Го зајакнуваме владеењето на правото, ја унапредуваме незвисноста на судството, ја модернизираме јавната администрација и градиме економија заснована на конкурентност и иновации. Одлучно се бориме против корупцијата и организираниот криминал, а нашите политки ги усогласуавме со европското законодавство и заедничките приоритети, инфраструктурното поврзување и фокусот на коридорите 8 и 10, дигитализацијата, енергетската безбедност“, рече  Муцунски.

Нашите заложби, како што рече, не се само реторика, тие се конкретни, мерливи и водени од интересот на граѓаните.

„Ваквата посветеност ќе продолжи и во однос на обврските од реформската агенда и реализацијата на целите на планот за раст, како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата, но и на целиот регион кон ЕУ. И во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика што е потврда за нашата приврзаност кон принципите на мир, стабилност и демократските вредности. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкцисите режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност“, подвлече Муцунски.

Тој потсети дека во ноември минатата година како прва земја од регионот потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нова сеопфатна рамка за дијалог и продлабочена соработка за клучни прашања во оваа област.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ