„Гледав дека од сабајлево тој на социјалните медиуми има една беседа за некогашниот претседател на САД Вудро Вилсон со американски знамиња каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои што треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушнист го бев кажал уште првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе, каде доделуваше решенија за набавка на трактори.
Ковачевски нагласи дека е добро што јавното обвинителство веќе формирало комисија која што тоа треба да го испита случајот и додаде дека на таков институционален начин треба да функционира државата.
„Владата ниту е обвинител, ниту е судија. Јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мора да одат да живеат во други земји“, рече премиерот Ковачевски.
Инаку, Рамиз Мерко утрово објави своја изјава, прва реакција откако Стејт департментот соопшти дека тој, сопругата и децата се ставени на црната листа на САД, што значи дека им се забранува влез во САД. Стејт департметнто притоа за Мерко соопшти дека „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.
Мерко во денешната изјава вели дека е отворен за соработка со правосудните органи и наведе: „Од претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга“, вели Мерко.