На прашањето за реакциите на некои пензионери кои тврдат дека добиле зголемување само од 200 до 300 денари, Тренчевска кажа дека таа информација не е точна.
„Не може да биде 200, 300 денари затоа што процентот 5,3 е согласно податоците од Државниот завод за статистика. Јас претпоставувам од која кујна е излезено 6,8 проценти, затоа што 6,8 ниту јас, ниту било кој претставник на Владата има изјавено. Моите изјави беа помеѓу 5 и 6, и околу 6, меѓутоа секогаш велев ќе ги почекаме податоците од ДЗС. Тоа е институцијата која што ги дава податоците за индексот на просек на живот,индексот на просечната плата за порастот на просечната плата. Така што, ако има некој 200 или 300 слободно нека пријави во МТСП затоа што тоа е систем на пресметка. Јас не верувам дека некој има 200, или 300 денари добиено зголемување односно усогласување затоа што ако најниската пензија беше 12.500, на тоа кога ќе преметате 5,3 е околу 800 денари, рече Тренчевска по промоцијата на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.
Тренчевска во август, на средба со претставници на пензионерите кои протестираа пред Владата, најави очекување септемвриските пензии да се покачат за најмалку 6 отсто.
„Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во март 2023година – 8.4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав“, рече Тренчевска како што е пренесено во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.