„Агенцијата за кредитен рејтинг посочува дека, од октомври минатата година, поради затегнатата монетарна политика, како и поради споредбената основа, инфлацијата се намали од 19,8% на 8,3% во август. Сепак, инфлацијата кај храната и натаму е висока, поради што во септември се замрзнати цените на дел од производите. Од Фич очекуваат дека инфлацијата и натаму ќе забавува, како резултат на споредбената основа, затегнатата монетарна политика и замрзнувањето на цените на храната, иако, како што наведуваат, растот на платите може да има негативен ефект врз инфлацијата. Очекувањата се дека стапките на инфлација во текот на следната година ќе се вратат на ниски едноцифрени нивоа“, потенцираат од Народната банка.
Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот бележи раст, достигнувајќи 18,2%, додека економското окружување немаше ефекти врз нефункционалните кредити коишто останаа на ниско ниво. Цените на недвижностите забавуваат по период на брз раст, што е резултат на затегнувањето на финансиските услови, но и капиталните барања кон банките и макропрудентните мерки за адекватност на кредитобарателите, стои во соопштението од кабинетот на гувернерката на Народната банка.