вторник, 10 декември 2024

Менаџерите на Илиевски во војна на нервите со управата на Ефес

Објавено на

часот

Сподели

Македонскиот кошаркар деновиве беше поврзуван со трансфер во белградски Партизан, а за него покажале интерес и неколку руски екипи.

„Илиевски летоска потпиша одличен договор со Ефес и најмногу би сакал да остане таму. Засега немаме никаква информација од турскиот тим во облик на иницијатива за раскин на договорот“, изјави италијанскиот агент Диего Пастори за порталот kosarka24.

Пред заминување од Ефес, но каде, допрва ќе се знае: Владо Илиевски

Воопшто не е тајна дека македонскиот репрезентативец е во немилост кај тренерот Уфук Сариџа, кој не е задоволен од прикажаното од страна на Илиевски во досегашниот дел од сезоната, во кој тој има просек од 4,1 поени и 2,2 асистенции во домашното првенство, односно 2,7 поени и 2,6 асистенции во Евролигата. Неговото место дополнително е загрозено откако беше доведен американскиот кошаркар Оливер Лафает, кој игра на истата позиција.

Илиевски не настапи на вечерашниот меч на Ефес против Галатасарај од Евролигата, кој неговиот тим го доби со 68-62. На прес-конференција по мечот тренерот Сариџа изјави дека повеќе нема да смета на македонскиот репрезентативец.

„Илиевски е избришан од списокот на првотимци. Во следните денови ќе биде решена неговата понатамошна судбина.“, изјави Сариџа.

Македонскиот репрезентативец има тригодишен договор со Анадолу Ефес, според кој првата сезона му е загарантирана, додека за другите две дополнително ќе треба да се преговара. Поради тоа, менаџерската агенција, која го застапува, а чиј сопственик е познатата во кошаркарските кругови Мира Пољо, не сака ниту да размислува да поведе иницијатива за заминување без тоа од Илиевски да го побара клубот. Во тој случај, 32-годишниот плејмејкер ќе може да добие солидна сума пари од Ефес за предвремен прекин на соработката, а потоа без преголем притисок да бара нов клуб каде што би ја доиграл сезоната.

Во исчекување на конечниот епилог во надмудрувањата помеѓу менаџерскиот тим на Илиевски и управата на Ефес се челниците на белградски Партизан, кому очајнички му е потребен добар плејмејкер. Некако во сенка на белграѓани решавање на турската сапуница чекаат неколку руски екипи, меѓу кои најзагреан, барем според српските медиуми, е тимот на Локомотив Ростов чиј тренер е прославениот Божидар Маљковиќ.

Следниве неколку дена треба да го дадат конечниот одговор дали Илиевски ќе си замине од Истанбул и ако го стори тоа каде ќе ја продолжи кариерата. Најдобра варијанта за сите би била тој да најде заеднички јазик со управата на Ефес и да си ја побара среќата на друго место бидејќи веќе е јасно дека неговото име воопшто не фигурира во плановите на тренерот Сариџа за вториот дел од сезоната.

Сака да извлече максимум од договорот со тимот од Истанбул: Владо Илиевски

Убедливо најлоша варијанта, како за Илиевски, така и за македонската репрезентација, е двете страни да останат на своето и кошаркарот да остане во Ефес. Тој би продолжил да го добива дебелиот плик секој први во месецот, но би фигурирал како прекуброен странец во турскиот прволигаш. Вака неговото конто дефинитивно би било побогато, но Илиевски би останал надвор од натпреварувачка форма, што е премногу лоша вест за сите што очекуваат добар настап на кошаркарската селекција на Македонија на јулскиот претквалификациски турнир во Венецуела, каде што бркаме пласман меѓу првите три, што автоматски носи и олимписка виза.

Игор Крстевски

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ