сабота, 27 јули 2024

Мемов: ЗНАМ досега нема преговарано со ВМРО-ДПМНЕ за учество во идната влада

Со ВМРО-ДПМНЕ не сме имале преговори за наш влез во идната Влада што таа партија ќе ја раководи, изјави за МКД.мк портпаролот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашиот став е дека сè додека немаме официјална покана од ВМРО-ДПМНЕ ние нема да излегуваме со информации, изјави и ставови во поглед на наше евентуално учество во таа влада. Ако забележавте, во изминатиот период немаме јавни настапи ниту презентираме ставови во врска со составот на идната влада или во поглед на преговорите што раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги води со коалицијата Вреди. Посветени сме на нашите внатрешни партиски активности. Ако бидеме повикани на преговори, ќе преговараме, доколку не, нема да инсистираме, ќе дејствуваме според нашата политичка програма која јасно ја презентиравме во изминатите месеци, како за време на претседателските избори од страна на нашиот лидер Максим Димитриевски, така и за време на целата кампања за двојните избори преку наши настапи, изјави и прес-конференции“, ни изјави Мемов.

Тој додаде дека се јасни позициите на ЗНАМ во поглед на националните прашања, како и во поглед на политичките и економски прашања.

„Тие се јасно вградени во нашата програма, ќе се придржуваме до нив, биле ние во владата или не“, вели Мемов и додава дека се дефинирани и принципите на идна соработка со владата или на идно владино коалицирање и повторно нагласува дека досега нема покана за разговори и преговори со победничката партија на изборите.

Meмов вели дека ЗНАМ е транспарентна партија и дека јавноста нема да биде ускратена за информации доколку биде добиена официјална покана за преговори.

Мемов не сакаше да ги коментира досегашните преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ниту што од аспект на можно влегување на ЗНАМ во владата значат информациите за веќе договорена поделба на министерските места со албанската коалиција.

Инаку, денеска Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека е извесна владина коалиција со ЗНАМ.

„Новата влада се очекува до 20 јуни, најверојатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ“, напиша на социјалната мрежа Х,  Милошоски, актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што веќе објавивме, од извори на Вреди се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе им ги отстапи министерските функции во Министерство за политички систем и заедници, во Министерство за здравство, во Министерство за економија,во Министерство за труд и социјална политика, во Министерство за екологија и едно министерско место без ресор, како и вицепремирската функција за евроинтеграции. Според досегашната пракса, можно е и функцијата прв вицепремиер да ја преземе Вреди. Се шпекулира дека претседател на Собранието ќе биде Африм Гаши, лидерот на Алтернатива.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ