вторник, 24 септември 2024

Мемов: СДСМ подметнува кукавички јајца во Собранието за Законот за бранители

ЗНАМ е гарант за стабилноста на Владата и така ќе остане во текот на целиот мандат додека сме учесници во Владата, изјави денеска на прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов прашан дали носењето на Законот за бранителите може да влијае врз стабилноста на владината коалиција. Запрашан каков е ставот на ЗНАМ во однос на одлуката на Уставниот суд  за примената на балансерот, Мемов рече дека Движењето ја поздравува и ќе ја почитува таа одлука.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа значи дека ние го гарантираме  стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан. Сакаме да потенцираме дека СДСМ ја испушти  можноста, додека беше на власт, да го понуди овој Закон за бранителите и додека беа на власт можеше да се донесат сите тие решенија, меѓутоа од февруари го стопираа во собраниска процедура и сега СДСМ подметнуваат кукавички јајца во Собранието“, одговори Мемов.

Запрашан каков е ставот на ЗНАМ во однос на одлуката на Уставниот суд  за примената на балансерот, Мемов рече дека Движењето ја поздравува и ќе ја почитува таа одлука.

„Што се однесува до правичната застапеност, одлуката  нема да биде пречка за застапеноста на етничките заедници во администрацијата во следниот период, но се разбира тоа да биде по клуч на квалитет и конзистентност“, рече Мемов.

На прашањето дали ќе се носи нов закон за правична застапеност, Мемов рече дека не може да го коментира тоа во моментот.

Тој додаде дека после конечната одлука на Уставниот суд надлежни за тоа ќе бидат Владата и Собранието.

Како што кажа Мемов, согласно одлуката на Централниот одбор од јули годинава, во тек се интензивни активности на терен за формирање на општинските организации на ЗНАМ низ цела Македонија.

„Големиот интерес и наплив на нови членови, високо-стручни луѓе, кои претходно биле ангажирани во политичкипартии,  членови од СДСМ, но и луѓе кои за прв пат се членови на партија, се најдобар показател за нашите правилни политики“, рече тој.

Мемов информира дека согласно роковникот за одржување на општинските конференции, во септември се формирани општински организации во Аеродром, Велес, Штип, Кичево, Ресен, Берово, Демир Хисар, Пробиштип и Новаци.

Мемов додаде дека во тек се и подготовките за изборните конференции за Струга, Дебарца, Вевчани, Долнени, скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Шуто Оризари  како и градската организација на Движење ЗНАМ-Скопје, кои се предвидени да се одржат во текот на октомври.

„Основачката конференција на општинската организација во Битола свечено ќе се одржи на 11-ти октомври. Паралелно со изборните конференции, во тек е и формирањето на клубовите на жените и младите, а заокружувањето на процесот на изградбата на партиската инфраструктура  ќе финишира со формирањето на стручните партиски комисии кои ќе ја следат имплементацијата на владините политики во сите сфери“, рече портпаролот Мемов.

Тој нагласи дека крајната цел на Движењето ЗНАМ, една година по основањето, е да има своја партиска структура во сите општини во Македонија и подготвено да ги дочека локалните избори во 2025 година.

„Сакаме да потенцираме дека сме исклучитечно задоволни од работата на функционерите избрани од редовите на Движењетро ЗНАМ – За наша Македонија,  во инсититуциите со кои раководат, како и  од работата на пратеничката група во Собранието на Македонија. Од досега сработеното сигурни сме дека граѓаните го препознаваат нашиот посебен пристап во раководењето со инсититуциите во Македонија, штитејќи  го државниот интерес и интереосот на народот“, додаде тој.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ