петок, 6 септември 2024
Директорот на Клиниката за детски болести со изјава

Meмеди: Модринките кај бебето се од земање крв, нема дисциплинска постапка за медицинската сестрa

Нема да се поведе дисциплинска постапка за медицинската сестра од Детската клиника, модринките кај бебето се настанати при земање крв за анализа од вена, изјави директорот на Универзитетската клиника за детски болести, Реџеп Мемеди во врска со наводите за повреда на тримесечното доенче кое беше хоспитализирано во Клиниката. Директорот нагласи дека немало намера да се повреди бебето и дека родителите и медицинската сестра си подале рака..

Објавено на

часот

Сподели

„Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување на повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака, настанале на 11 јули, во текот на процедурата на земање венска крв за анализи, реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица“, рече Мемеди.

Неговата изјава е последица на тврдењето на семејството дека медицинска сестра од Клиниката за детски болести насилно постапувала со бебето поради меѓуетничка нетрпеливост.

Според Мемеди, причина за алармирање на случајот од страна на родителите е недоразбирањето меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило еден ден претходно. По негова иницијатива, во текот на вчерашниот ден се сретнале родителите на доенчето и медицинската сестра, по што како што рече, си подале рака на помирување.

„Сметаме дека најрверојатно во основа причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило претходно на ден 7 јули и губење на довербата на родителите кон медицинската сестра. Вчера е реализирана средба меѓу родителите на четиримесечното доенче и медицинската сестра. Родителите на детето се покажаа доблесни и медицинската сестра изрази спремност за да се согласат дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и недоразбирање и си дадоа рака на помирување“, рече Мемеди.

Во одговор на новинарско прашање, директорот негираше дека ќе се поведе дисциплинска постапка за медицинската сестра, нагласувајќи дека „расчистени се сите нејаснотии и тука немало никаква лоша намера од страна на сестрата, ниту од страна на родителите“.

Прашан зошто истата вечер не се консултирале со сестрата, Мемеди рече дека било викенд и потребно било да се формира комисија која ќе ги анализира сите информации и податоци во врска со случајот.

„Апсолутно немаше потреба од брзање. Секое брзање не е во интерес на вистината“, рече Мемеди.

Министерот за здравство Арбен Таравари, пак, денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање во врска со случајот рече дека е покрената дисциплинска постапка за две лица, од кои една е медицинска сестра. Сепак, изрази увереност дека нема здравстен работник кој би повредил бебе, но остави простор стручно да се истражи случајот. Таравари уверуваше дека неговата посетата на семејството на бебето, без да се спроведе постапка и проверка, бил правилен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ