среда, 30 октомври 2024

Мелони: Ќе можам да соработувам со Фон дер Лаен иако мојата партија не ја поддржа

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ќе може да соработува со Урсула фон дер Лаен и покрај тоа што нејзината партија „Браќа од Италија“ гласаше против втор мандат за Германката на чело на Европската комисија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците на Европскиот парламент во четвртокот поддржаа уште еден петгодишен мандат на Фон дер Лаен на чело на најмоќното извршно тело на Европската унија.

„Соработувавме досега и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина“, рече Мелони за својот однос со Фон дер Лаен. „Ние сме луѓе кои имаат обврски и ја разбираме нивната важност“, рече Мелони во интервју за италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“ објавено денеска.

Мелони, која предводи десничарска италијанска влада од 2022 година, рече дека ги поддржува коментарите на Фон дер Лаен во нејзиното обраќање пред Европскиот парламент за потребата да се ограничи имиграцијата, но италијанската премиерка додаде дека на Европа генерално и требаат помалку регулативи и треба да најдат начини за зајакнување на нејзината економска конкурентност.

Таа, исто така, ја нагласи важноста на Италија како трета по големина економија во Унијата и една од нејзините основачки членки, додавајќи дека нејзината земја има најстабилна влада од сите поголеми земји-членки.

„Сите ја препознаваат важноста и улогата на Италија“, изјави таа. Мелони рече и дека ќе може да соработува со идниот американски претседател кој ќе биде избран во ноември, кој и да е тој.

„За мене е важна силата на сојузот со Соединетите Американски Држави“, рече таа. „Да се ​​мисли дека сојузот меѓу две земји членки на Г7 ќе се промени по промената на власта е глупаво и детско“, додаде таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ