сабота, 27 јули 2024

Мекејлеб во конкуренција за европски кошаркар на 2011 година

Објавено на

часот

Сподели

Најзаслужниот за историскиот пласман на Македонија на четвртата позиција на ланското Европско првенство (ЕП) во Литванија се најде во елитно друштво заедно со кошаркари како германскиот ас Дирк Новицки, шпанските репрезентативци Пау Гасол и Марк Гасол и Тони Паркер (Франција), кои настапуваат во најсилната лига на светот, НБА-лигата. На листата кандидати за престижното признание сè уште и Хуан-Карлос Наваро (Шпанија), Андреј Кириленко (Русија), Николас Батум (Франција), Димитрис Дијамантидис (Грција) и српскиот интернационалец Душко Савановиќ.

Во изборот за најдобар кошаркар најголем дел од гласовите ќе дојде од гласањето на новинарите акредитирани во ФИБА-Европа, како и од одбраните кошаркарски стручњаци на стариот континент. Можност за гласање имаат и сите љубители на кошарката, и тоа преку интернет-страницата на ФИБА-Европа.

Главна причина што Мекејлеб се најде во друштвото на најдобрите европски кошаркари во моментов е неговиот феноменален настап на ЕП, каде што со просечен учинок од 21,4 поени и 3,1 асистенции ја предводеше жолто-црвената чета. Тој имаше и забележителен настап во дресот на италијанскиот шампион Монтепаски, за кој во Евролигата имаше учинок од 11,5 поени и 2,1 асистенции на секој од одиграните натпревари.

Со оглед на оствареното во 2011 година, би било огромно изненадување ако трофејот за најдобар европски играч не заврши во рацете на Новицки, кој со Далас маверикс стана НБА-шампион во првата половина од 2011 година. Мекејлеб, сепак, има огромна шанса да се најде меѓу тројцата најдобри, бидејќи има феноменална сезона зад себе како на репрезентативен, така и на клупски план.

Лани за играч на 2010 година беше прогласен српскиот ас Милош Теодосиќ, додека пред него трофејот завршуваше во рацете на Пау Гасол (2008 и 2009 година), Кириленко (2007), Тео Папалукас (2006) и Новицки (2005).

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ