сабота, 27 јули 2024

Меѓународната кризна група: Приштина да ги повлече специјалните полициски единици од северот на Косово

Приштина би требало да ги повлече своите специјални полициски единици од северот на Косово, каде живее српското мнозинство, а додека не го направи тоа треба да ги распоредува во координација со Кфор. Косово треба да ги задоволи потребите на српското малцинство на Косово, со или без формална рамка за автономија, се укажува во најновиот извештај на Меѓународната кризна група.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се наведува дека Европската Унија и Соединетите Американски Држави треба да продолжат да вршат притисок врз Приштина да ја укине забраната за увоз на храна и лекови од Србија, како и забраната за користење на српскиот динар.

„Главниот приоритет е демилитаризацијата. Косово би требало да ги повлече своите специјални полициски единици од регионот со српско мнозинство, и, додека тоа не се направи, треба да ги распоредува „штедливо“ и само во координација со силите на Кфор. За да го зголеми чувството за безбедност на Приштина, Кфор треба да му помогне на Косово да ја чува својата граница, да спречи шверц на тешко вооружување и да ги најде претходно внесените залихи“, се наведува во извештајот насловен „Северот на Косово: Потврдување на суверенитетот среде поделена лојалност“.

Од своја страна Србија би требало да престане да „поддржува паравоени активности“ и да ги процесира оние кои се вмешани во убиството на косовскиот полицаец „во мера во која се под нејзина јурисдикција“.

„Во отсуство на сеопфатно политичко решение, товарот ќе биде на ЕУ, САД и НАТО да го одржат мирот и да спречат ескалација додека не созреат условите за договор“, констатира МКГ.

Се укажува дека Брисел и Вашингтон треба да продолжат да разговараат со Приштина за тоа да ги прифати условите од понудениот договор за нормализација на ЕУ, вклучувајќи формирање Заедница на српски општини.

„Овој договор би бил добар за Србите на северот, но и за Приштина: движењето кон автономија на северот сигурно ќе биде суштински дел на секој аранжман кој Косово целосно ќе го воведува во меѓународниот систем, а Косово може никогаш да не добие подобра понуда од оваа. Белград ќе се воздржува да се согласи на независност на Косово, но ако Приштина преземе толку важен чекор, притисокот на Србија да возврати со прифаќање на условите на Брисел сигурно би се зголемил“, се напоменува во извештајот.

Меѓународната кризна група заклучува дека косовската влада од инцидентот во Бањска минатата година почнала забрзано да ги разбива српските институции во северните општини, што потенцијално ги уништува изгледите за политичко решение на нејзините долготрајни спорови со Србија.

„Приштина би можела да открие дека постигнувањето на непосредната цел – консолидација на контролата над својата територија – би ја турнала крајната цел на нормализација подалеку и надвор од дофат. Тоа е исходот кој може и треба да се избегне“, се заклучува во извештајот на МКГ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ