„Апсења и претреси се вршат на повеќе десетици локации, на подрачјата на Сараево, Зеница и Мостар, а мета на акцијата се повеќе осомничени физички и правни лица, меѓу кои високи функционери на полициските агенции и институциите за спроведување на законите“, соопшти Обвинителството на БиХ.
Меѓународна поддршка на акцијата ѝ дале ФБИ, ДЕА и Европол.
Осомничени се повеќе од 15 лица, кои се поврзуваат со организиран криминал, неовластен промет на големи количества опојни дроги, перење пари и други поврзани кривични дела.
Сараевските медиуми објавија дека до сега се уапсени Мустафа Селмановиќ, шеф на специјалната полицијата на Федерација БиХ, како и сараевскиот бизнисмен Гордан Мемија.
Медиумите наведуваат дека е издаден налог и за апсење на директорот на полицијата на Федерацијата БиХ Вахидин Муњиќ.
Наркобосот Един Гачанин, познат како Тито, склучил во ноември минатата година договор со обвинителството во Холандија и осуден е на седум години затвор и парична казна од милион евра за шверц на дрога.
Гачанин е најголемиот балкански нарко-бос, кој има холандско државјанство, а од март минатата година е на американската „црна листа“.
Родум од Сараево, Гачанин во својот картел вклучил членови на своето семејство и пријатели од Босна и Херцеговина.