сабота, 27 јули 2024
Гардијан

Мегабомба чека да експлодира на Блискиот Исток, Бајден не смее да го запали фитиљот

Директната конфронтација меѓу САД и Иран би имала катастрофални последици.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека донел одлука како да одговори на нападот со беспилотно летало во кој загинаа американски војници во Јордан, истовремено размислувајќи да ги казни милициите поддржани од Иран без да предизвика поширока војна.

Тој не ја образложи детално својата одлука, која ја донел по консултација со советниците во Белата куќа.

Говорејќи пред новинарите, Бајден рече дека на САД не им треба поширока војна на Блискиот Исток, исто како и вчерашните коментари на други официјални лица дека САД не сакаат војна со Иран, пренесе Ројтерс.

Бајден ги разгледува опциите и се очекува да има одмазднички напади, но времето на одговорот не е познато.

Запрашан дали Иран е одговорен, Бајден рече: „Јас ги сметам за одговорни во смисла дека ги снабдуваат со оружје“ оние што ги извршија нападите.

Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби рече дека одговорот на САД би можел да биде повеќеслоен и да вклучува повеќе акции наместо само една.

По смртоносниот напад врз американските војници, Бајден е под притисок директно да го нападне Иран. Републиканците го обвинуваат демократскиот претседател дека дозволил американските војници да станат глинени гулаби. Тие рекоа дека Иран е тест за Бајденовата сила пред изборите.

Тројца американски војници загинаа, а 34 се ранети во напад на милициите поддржани од Иран врз американска база во Јордан во близина на границата со Сирија. Иран тврди дека не е одговорен, но малкумина во Вашингтон веруваат во тоа, со оглед на долгата историја на Иран на поддршка, обука и вооружување на посредничките милиции, политика што ја водеше генералот Касем Сулејмани од силите Кудс на Иранската револуционерна гарда сѐ додека САД не го убија во јануари 2020 година.

„Досега невидените терористички напади на Хамас врз Израел на 7 октомври запалија фитиљ под целиот Блиски Исток. Сега застрашувачката, фигуративна мегабомба на која е прикачен тој фитиљ – директен конфликт меѓу САД и Иран – може да експлодира, со разорни последици“, вели колумнистот на Гардијан Сајмон Тисдал.

Со секој нов ден илегално израелско бомбардирање на Газа, со секоја нова процена на десетици илјади палестински жртви, огромната детонација е сѐ поблиску, вели Тисдал и се прашува дали е достигната точката од која нема враќање по нападот во Јордан.

Стратегиската цел на Иран е да ги истера американските трупи од нивните бази во Ирак, Сирија и Заливот и на крај да го оконча американското присуство во регионот во кој Техеран сака да доминира. Нападот на Хамас и израелскиот одговор поддржан од САД му дадоа шанса што не се пропушта да ја унапреди таа цел, пишува Тисдал.

Сепак, не е јасно дали нападот во Јордан бил намерна ескалација од страна на Иран и неговиот локален сојузник, ирачката милиција на Исламски отпор, и можно е Техеран и/или неговите сојузници погрешно да процениле и ненамерно отишле предалеку. Тисдал вели дека тоа е клучно бидејќи ќе го одреди опсегот на одговорот на Бајден.

„Како што покажа водењето на војната во Газа од страна на ултрадесничарската израелска коалиција предводена од Бенјамин Нетанјаху, политичките калкулации ќе играат барем исто толку голема улога во оваа одлука како и воените императиви“, смета Тисдал.

Досега, советниците на Бајден тврдеа дека Иран, и покрај неговата воинствена реторика, не сака војна со САД – војна за која знае дека скапо ќе го чини, вели Тисдал, нагласувајќи дека тоа има смисла.

„На некој начин, Нетанјаху и неговите екстремистички пријатели му помагаат на Техеран, свртувајќи ги поумерените арапски влади и јавното мислење против САД, додека ги срамотат европските сојузници како Британија“, се вели во анализата.

Колумнистот на Гардијан пишува дека Бајден направил погрешна проценка по 7 октомври давајќи му одврзани раце на Нетанјаху. Сега би можел повторно да процени погрешно, со уште пострашни последици, оценува Тисдал.

Фото: ЕПА

„Директната американска воена одмазда против Иран би била катастрофа сама по себе. Тоа би го дополнило конфликтот во Газа, речиси сигурно би предизвикало тотален напад на Хезболах врз Израел. Тоа може да запали локални пожари во Ирак и Сирија и да ги дестабилизира режимите во Египет, Јордан и Заливот“.

Тисдал предвидува дека директниот конфликт меѓу САД и Иран би ги поделил западните демократии на оние, како Британија, што ќе го поддржат Вашингтон, и оние, како Германија, Франција и Италија, што би можеле да се залагаат за дипломатија со Техеран. Тој би ѝ помогнал на Кина да ги унапреди своите антидемократски геополитички амбиции и на Русија да ја оправда агресијата против Украина, додава Тисдал.

Покрај тоа, тоа би било подарок за Нетанјаху, кој долго време повикува на казнена воена акција против Иран и чија политика по октомври е сведена на бескрајна војна.

Главната причина зошто Бајден би морал да се воздржи е тоа што нападот врз Иран не би ги постигнал основните цели за заштита на безбедноста на Западот и промена на однесувањето на мулите, туку само ќе ја забрза ескалацијата на конфликтот.

Тисдал верува дека побезбедниот и помудар начин на дејствување, за што светот и многу американски гласачи би биле благодарни, е веднаш да се решат основните причини.

„Тој треба да бара прекин на израелското бомбардирање на Газа, да спроведе прекин на огнот што ќе ги ослободи израелските заложници и да води кредибилни, меѓународни напори за конечно да се создаде решение за две држави во Палестина“, вели Тисдал и заклучува дека не е во ничиј интерес блискоисточната мегабомба да експлодира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ