сабота, 27 јули 2024

Меџити: Вакцинацијата спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход од вирусите

Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност, се вели во денешната писмена изјава на министерот за здравство Фатмир Меџити. Комисијата за заразни болести ќе се состане следната среда, на 7 февруари. На состанокот, соопшти портпаролот Злате Мехмедовиќ, ќе се  разгледа состојбата со сите заразни заболувања, вклучително и со грипот и големата кашлица.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за здравство (МЗ) информира дека од месец ноември досега, над 61.000 граѓани се вакцинирани против сезонски грип и повторува дека вакцинацијата е најдобра превентивна мерка.

Со бесплатна вакцинација против ова заболување се опфатени ризичните групи – стари лица – над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.

„Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност“, се вели во писмената изјава на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Од МЗ потсетуваат дека заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница вакцинација.мк. Потоа, тие преку смс-порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.

Исто така, во центрите за јавно здравје низ државата се врши имунизација против сезонски грип со комерцијалните вакцини.

Комисијата за заразни болести ќе се состане следната среда, на 7 февруари. На состанокот, соопшти портпаролот Злате Мехмедовиќ, ќе се  разгледа состојбата со сите заразни заболувања, вклучително и со грипот и големата кашлица, пренесе МИА.

Според податоците од последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), се зголемува бројот на заболени од грип, а во Ресен, Кавадарци и во Кратово има многу висока активност на вирусот на грип.

„Во текот на четвртата недела од 2024 година од 22 до 28 јануари, се пријавени 1.834 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Станува збор за лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Починатите имале коморбидитети и не биле вакцинирани.

Проценките на надлежните се дека пикот на грипот ќе биде до крајот на месецов. Се апелира на вакцинација, особено кај ранливите категории на граѓани. Заклучно со четвртата недела од годинава, вакцинирани се вкупно 61.543 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ