вторник, 14 јануари 2025

Меџити: Отворена е вратата на Вреди за пратеници од Европскиот фронт кои нè поддржуваат

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во врска со интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути од Европскиот фронт, рече дека имаат забелешки за нејзината работа, но оти не поддржуваат иницијатива од Левица.

Објавено на

часот

Сподели

„Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на комисија и ќе остане претседател на комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме“, рече Меџити.

Во однос на последните интерпелации на министрите што не беа изгласани во петокот, Меџити кажа дека се најлошите или најнеизгласаните во историјата на Собранието.

„Да поднесеш иницијатива за интерпелации и на крај да гласаат само тројца пратеници, тоа покажува дека имаме поддршка и внатре во Европскиот фронт, па дури и внатре во ДУИ и многу луѓе таму мислат како нас и имаат отворена врата да се приклучат кон Влен (Вреди)“, изјави Меџити по посетата на Гостивар одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос за иницијативата за интерпелацијата на потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, Меџити рече дека ниту еден од пратениците од коалицијата Вреди не бил присутен на гласањето на неговата интерпелација, и тоа, како што рече е политичка порака.

Во Собранието, во петокот, не поминаа четирите интерпелации за работата на владините функционери. Беше поддржана само интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, поднесена од Левица, со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден „воздржан“. Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ, а против гласаа и од Вреди.

Со изгласувањето на интерпелацијата, сега пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади, место кое му припаѓа на Европскиот фронт. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група од Левица поради тоа што Даути, како што беше посочено на седницата во петокот, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ