Ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци, ветува првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостасувала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце, нагласи тој.
Меџити истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.
„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата која ја контролира државата, како што за жал тоа било случај со години наназад, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“.
Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смеат да дозволат повторување на вакви несреќи.
„Кочани е нашата совест која што повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко низ институциите кои што ги уништуваат човечките животи“, вели Меџити.
Тој ги уверува граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.
„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса транс’, за тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии што последици се човечки животи!“, ветува Меџити.