понеделник, 23 септември 2024

Меџити и Муцунски на самитот на Иднината на ОН

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и македонскиот министер за надворешни работи учествуваа на самитот на Иднината во Обединетите нации. Овој самит собра повеќе од 150 лидери на држави и влади од целиот свет за да разговараат за предизвиците и можностите поврзани со иднината на човештвото.

Објавено на

часот

Сподели

„Во денешно време се соочуваме со многу закани, вклучувајќи нови конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени, а ниту една земја сама не може да се справи со овие предизвици, па е неопходен ефикасен мултилатерализам за обезбедување на меѓународниот мир и безбедност“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во своето обраќање на самитот на иднината во Њујорк, на интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“ кој се одржа на  маргините на 79-то Генерално собрание на Обединетите Нации.

„Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот“, истакна министерот Муцунски во обраќањето.

Воедно, нагласи тој, иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, а злото од војна и конфликти мора да остане во минатото.

„Денес имаме уникатна шанса да ја зајакнеме нашата мултилатерална агенда и глобалните системи, прилагодувајќи ги на предизвиците со кои се соочуваме во областа на меѓународниот мир и безбедност. Утре веќе е наша сегашност“, додаде тој, истакнувајќи ја подготвеноста активно да учествуваме во напорите за зајакнување на мултилатерализмот.

Муцунски ја подвлече потребата за промовирање на мултилатерални решенија засновани на Повелбата на ОН, почитувањето на човековите права, владеењето на правото и демократијата, како клучни дипломатски алатки.

Меџити изјави дека на отворањето на самитот, каде што бил присутен, главниот фокус бил ставен на Пактот за иднината, амбициозен документ кој има за цел да изгради нова рамка за меѓународна соработка и одржлив развој.

„Во овој контекст, ги слушнавме инспиративните говори на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на германскиот канцелар, Олаф Шолц, кои ја истакнаа важноста на глобалната соработка за соочување со најголемите предизвици на нашето време“, додаде првиот вицепремиер.

Пактот за иднината е сеопфатен документ кој се однесува на широк опсег на критични прашања. Вклучува поглавја за човекови права, родова еднаквост, одржлив развој, наука, технологија и иновации, како и дигиталната соработка. Меѓу другото, се истакнува важноста од ангажирање на младите и зачувување на интересите на идните генерации кои се во центарот на трансформацијата на глобалното владеење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ