Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Меџити на средбата со министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени Мурат Курум разговараше за можностите за продлабочување на соработката во однос на справувањето со еколошките предизвици и искористување на турскиот модел на борба против аерозагадувањето, кој се покажа како многу успешен.
„Меџити и Курум се договорија преку потпишување на меѓудржавен меморандум за соработка, двете земји да разменат искуства и тесно да соработуваат во одржливото управување со индустрискиот отпад, рударскиот отпад, опасниот отпад и медицинскиот отпад. Исто така, дел од оваа соработка ќе биде управувањето со домашните и индустриските отпадни води, вклучувајќи технологии за третман и рециклирање на отпадни води, системи за онлајн мониторинг на капацитетите за третман на отпадни води, управување со квалитетот на воздухот, имплементација на најдобри техники и практики за спречување на загадувањето од индустријата, борба против климатските промени, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и многу области од заеднички интерес“, се вели во соопштението.
Двете страни, како што се наведува, се согласија да соработуваат во блиска иднина во поглед на управување со хемикалии, откривање, анализа и чистење на подрачја контаминирани со опасни материи и хемикалии, во смисла на развој на географски информациски системи за животната средина и релевантно законодавство, заштита на природата и биолошката разновидност во заштитените подрачја, како и планирање, управување и промовирање на заштитените подрачја за спроведување на еко-туристички активности.
„За да се постигнат посакуваните ефекти, Меџити и Курум се договорија да воспостават програми за научни посети на истражувачи, консултанти, експерти и членови на невладини организации и размена на информации и документи на научно и техничко ниво во однос на истражувачките, развојните и апликативните активности. Развојот на проекти за соработка ќе се реализира преку соработка во рамките на меѓународните договори чии страни се Република Турција и Република Северна Македонија, во рамките на финансиските средства наменети за оваа област“, пишува во соопштението.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити за време на престојот во Турција ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан, а заедно со премиерот Христијан Мицкоски ќе бидат дел од државна вечера приредена од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган.