сабота, 27 јули 2024

Медиуми: НАТО на Јадранот вежба примена на нуклеарно оружје

Во воздушниот простор на Хрватска и Италија и над Јадранско и Средоземно Море во тек е НАТО вежбата „Стедфаст нун 2023“ на која се проверува примената на нуклеарно оружје од воздушниот простор, а потврдено е дека летовите на американските и сојузничките авиони ќе траат до 26 октомври.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува Балканската безбедносна мрежа, домаќин на вежбата е базата Авијано во Италија.

„Американците ги чуваат нуклеарните авионски бомби во специјални магацини во базите на партнерите од НАТО и ако се одлучи да се посегне по ова средство со најголема моќ тие се местат на носачите на борбените авиони на американската или некоја од сојузничките авијации. Според проценката на Федерацијата на американски научници во базите Авијано и Геди на северот на Италија се наоѓаат 35 нуклеарни бомби во специјални магацини“, пишува порталот.

Во тесктот се додава дека примарната платформа за носење на тие средства е авионот Ф-16 од две ескадрили на 31винг, единица постојано стационирана во Авијано. Алтернативно со нив може да се вооружи авионот „торнадо“ или некои од американските авиони кои во случај на потреба можат да дојдат од поодалечени бази.

„Авионите од таа единица се користени во борбените задачи на Балканот во 1994 и 1995 и подоцна во 1999 година. Два Ф-16 се соборени – еден на 2 јуни 1995 кај селото Бравско од страна на војската на Република Српска од ракетен систем ПВО КУБ-М, и еден четири години подоцна од страна на Војската на Југославија кај селото Накучани со системот Нева-М“, се наведува во текстот.

Во рамки на вежбата учествуваат до 60 авиони и 13 земји од НАТО.

„Американците се носители на вежбата и тие освен тактичките борбени авиони ќе ја проверат работата на екипажите на стратегиските бомбардери Б-52Х кои ќе летаат од Британија и ќе симулираат дејства на истокот на Средоземјето. Обуката предвидува симулирани дејства, но авионите нема да летаат со нуклеарни бомби. За потребите на обуката се предвидени бомби за вежби кои по габаритите се еквивалентни на вистинските“, пишува порталот.

На носачите под крилата на Ф-16 можат да се закачат две нуклеарни бомби Б61. Нивната сила зависи од избраната термонуклеарна глава која може да биде до само 0,3 килотони, за посебни задачи на уништување вредни објекти и дејства од мали размери и сè до 50 килотони, доволни да се разурне голем град.

Вежбите „Стедфаст нун“ се одржуваат секоја година во октомври, но се менува зоната во која се спроведуваат. Оваа година главна база ќе биде Авијано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ