понеделник, 21 октомври 2024

Мецола го назначи својот зет за шеф на кабинет

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го назначила својот зет за шеф на кабинет, објави вчера бриселскиот портал Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Метју Табоне почна да работи во Европскиот парламент за Мецола во 2013 година, а како шеф на кабинет ќе ја замени Летиција Зулета де Реалес Ансалдо, која сега ја презема новата улога на директор за односи со националните парламенти.

Одлуката на шефицата на ЕП предизвика бурни реакции, вклучително и обвинувања за непотизам, особено од страна на пратеникот од Малта, Алекс Агиус Салиба од Лабуристичката партија, која е политички ривал на Националистичката партија на Мецола. На Фејсбук, Салиба ова назначување го опиша како „очигледен непотизам“ и праша како би реагирала јавноста доколку некој од неговата партија назначи член на семејството на толку висока функција.

Табоне тесно соработуваше со Мецола со години, а се омажи за нејзината сестра во 2015 година, пред Мецола да стане претседателка на Европскиот парламент. Кон крајот на 2022 година, Табоне беше номиниран за улогата шеф на кабинет, но Мецола не го назначи во тоа време поради аферата Катергејт, скандал во врска со купување влијанија во Европскиот парламент.

Мецола и во минатото беше критикувана за контроверзни назначувања, вклучително и унапредувањето на Алесандро Чокети, нејзиниот поранешен шеф на кабинет, на позицијата генерален секретар на Парламентот, што предизвика обвинувања за фаворизирање и тајни политички зделки.

Мецола и нејзиниот тим тврдеа дека ја следеле парламентарната процедура и дека процесот бил најотворен во историјата на институцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ