понеделник, 26 февруари 2024

Мазници, питулици и кифли со љубов се подготвуваат во Пелагонија, а се пробани многу подалеку

Мазници, питулици, кифли и други специјалитети од брашно, сол и вода, секогаш со љубов, се подготвуваат во домашната кујна на вредни домаќинки од Пелагонија, кои посебно се мотивираат кога своите производи ги изложуваат на саемски манифестации, натпревари и други собири.Вредни жени од Битола, Новаци, Бистрица и други населени места, гордо или можеби подобро, горделиво, ги претставуваат производите убави за око, но уште поубави за уста, вкусни, пресни..затоа што, како што велат, секогаш им додаваме „зачин – љубов“.

Објавено на

часот

Сподели

 

Рецептите на нашите мајки, баби, прабаби ги чуваме, памтиме и пренесуваме во семејството. Македонската храна е позната насекаде, но секое поднебје си има свои посебности. Јас подготвувам зелници, мазници, питулици, крофни, кифли, а на барање на внучињата, во семејството или на муштерии, додавам спанаќ, праз, лук, сирење…, вели Вера Котевска од Новаци.

„Младите се повеќе се интересираат за македонската кујна со вкусни традицинални јадења. Домашната кујна е незаменлива и поквалитетна од т.н. купечка храна. Јас членувам во организацијата ‘Силата на бабата’ која учествува на сите манифестации каде сме поканети. Во Пробиштип бевме на сучење на зелникот на баба, но и во Македонска Каменица и на други места каде се промовира македонската кујна. За квалитетна храна потребно е да се употребат здрави и проверени намирници. Често во производите ставаме пиперки, домати, праз, кромид, тиква…се што дома е произведено. Се радуваме и задоволни сме кога конзументите се воодушевуваат од произведеното. Оваа македонска традиција може да се зачува затоа што младите се повеќе се интересираат за домашната кујна. Неодамна имавме гости од Словенија и Грција и тие пред да стигнат бараа да им подготвиме домашна храна“, посочи Котевска.

Домашната и природна храна е здрава храна. и ние насекаде ја препорачуваме, велат од битолската Организација на жени, кои во градот се препознатливи со своите македонски специјалитети често изложени на различни национални и меѓународни натпревари и средби.

Членките на Организација на жени од Општина Битола го негуваат традиционалното затоа што, за жал, младите се повеќе немаат слободно време. Се почесто се во ресторани на конфекционирана храна, и затоа ние ја користиме секоја прилика да покажеме дека може да се подготвува во домашната кујна, појаснува Светлана Петковска, претседателка на ОЖ-Битола.

„Веруваме дека македонската кујна нема да се заборави, како што за жал многу поранешни производства веќе се во заборав. Потребно е рецептите да се публикуваат за младите генерации да знаат како да се вратат во македонската домашна кујна. Многу е убаво кога конзумираш храна направена со свои раце. Сите сакаат питулици со лук, зелници и се што се подготвува со вода, сол и брашно. Нашите кулинарски вештини често ги презентираме и во странство. Во соседна Србија учествуваме во проектот ‘Мома, меси на маса’ во кој се подготвуваше прекрасен и вкусен леб, но најважно од се е што се дружиме“, вели Петковска.

Од неодамна на македонскиот пазар има и интегрални тестенини со блитва, коприва, со лук или куркума, кои ги подготвува битолчанецот Ѓорги Тошев, производител на домашна тестенина „паста делиција“.

„Произведуваме домашни кори кои знае да ги направи секоја домаќинка. Но, јас воведов и интегрални тестенини со блитва, со коприва, со лук, со куркума…бидејќи интересот во домаќинствата е се поголем. Кај нас порано почесто се правеа домашни кори, но динамичниот живот ги принудува семејствата да купуваат и затоа ние сме тука“, кусо ни рече Тошев.

Водена од народната изрека „од нива до трпеза“, младата домаќинка Виолета Јаневска која живее и работи во населеното место Бистрица, со задоволство говори за кулинарски специјалитети во кои задолжително има јаболка.

„Малкумина останаа да го негуваат бистичкото јаболко. Но навистина неможе да се опише чувството кога прво сте во бавча, потоа го собирате, и на крајот на маса произведуваме пита со јаболко, панакота со јаболка, десерти од јаболка. Денес младите ја избегнуваат работата во бавчите, но ние, со сопругот, нашето семејство успеваме да работиме и тоа го правиме 17 години. Работниот ден ни почнува во раните зори, а завршува доцна навечер. Последниве години го климатските промени го нарушија квалитетот на јаболкото, се појавија штетници и болести, но успеваме да се справиме и да ги заштитиме јаболката и јаболковите насади. Брза, лесна или „лења пита“ правам според рецепти од баба ми…но, правам питулици, зелници, мазници…домашните производи без адитиви и без засилувачи на вкус, бидејќи така подготвени сите ги сакаат“, вели Јаневска.

Најважната работа која домаќинките ја даваат при месењето тесто и подготовка на кулинарски специјалитети е „зачинот – љубов“. Ако не додадете „зачин – љубов“, тогаш ниту една храна нема да биде вкусна, велат домаќинки од Пелагонија и препорачуваат – потпевни додека месиш за да ти пејат дечињата низ дома!

                                                                                                      МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ