сабота, 27 јули 2024
МВР вели дека возачот повикал ученичка на кафе

Маж со голф се обидел да грабне две деца од училиште во Карбинци, вели градоначалникот Паунов и бара полициски патроли

Полициски службеници се во основното училиште во општина Карбинци поради пријава за обид да се киднапираат две деца. За овој настан има две верзии. Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов во изјава за медиумите, меѓу кои и Телма каде имаше изјава во живот од пред училиштето, рече дека лице со автомобил голф утрово во 9,30 се обидело да грабне две деца, машко и девојче на влезот во училиштето, а ги спасиле други дечиња и вработени во образовниот објект. За оваа изјава тој се повика на полициските службеници кои се на увид. Од МВР за МКД.мк за овој настан одговорија дека не се работи за обид за киднапирање, туку лице со автомобил влегло во училишниот двор и поканило ученичка на кафе, по што таа исплашена истрчала кај персоналот и пријавила.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска (05.12.2023)  во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор  со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.

Градоначалникот Паунов за медиумите раскажа дека возачот се обидел да ги земе со автомобил двете деца од шесто и деветто одделение, но ги спасиле другите деца и персоналот од училиштето. Според него, камерите снимиле се што се случувало и автомобилот и регистерските таблички и вели дека очекувањата се да се најде оној кој се обидел да стори такво нешто. Тој воедно и апелираше да се зголеми присуството на полицијата на ова место и тврди дека таму со години нема полицајци. 

Вознемирени се и родителите и вработените, но и децата, а на терен се полициски екипи кои го расчистуваат случајот. 

Од МВР апелираат да не се шири паника и велат дека ласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции“, велат од МВР.

                                                                                                                               К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ