„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Градоначалникот Паунов за медиумите раскажа дека возачот се обидел да ги земе со автомобил двете деца од шесто и деветто одделение, но ги спасиле другите деца и персоналот од училиштето. Според него, камерите снимиле се што се случувало и автомобилот и регистерските таблички и вели дека очекувањата се да се најде оној кој се обидел да стори такво нешто. Тој воедно и апелираше да се зголеми присуството на полицијата на ова место и тврди дека таму со години нема полицајци.
Вознемирени се и родителите и вработените, но и децата, а на терен се полициски екипи кои го расчистуваат случајот.
Од МВР апелираат да не се шири паника и велат дека ласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции“, велат од МВР.
К.Д.