сабота, 15 март 2025

Маврово меѓу урбанизација и заштита: Борба за иднината на националниот парк

Повеќегодишната континуирана узурпација и урбанизација на мавровскиот крај остави трајни штети по природата и пејзажот.

Објавено на

часот

Сподели

Градежните активности во Маврово значително го променија пределот, предизвикувајќи уништување на природата и нарушување на животот на мештаните.

Иако законите налагаат ревалоризација и репрогласување на Маврово за национален парк, тоа не е реализирано веќе две децении, оставајќи простор за бесправна градба и сеча.

Последната студија за ревалоризација предлага зголемување на зоните под строга заштита, што предизвикува реакции кај локалното население и управата на паркот.

Жителите стравуваат дека зголемените ограничувања ќе го загрозат нивниот начин на живот, ќе ја намалат можноста за земјоделство и туризам и ќе го зголемат иселувањето.

Додека дел поддржуваат зголемена заштита, други бараат балансиран пристап што ќе го вклучи и економскиот развој на регионот.

Повеќегодишната континуирана узурпација и урбанизација на мавровскиот крај остави трајни штети по природата и пејзажот. Покрај физиономија на овој предел, новите градби го променија и животот на мештаните, кои имаат проблеми со водоснабдувањето, со недостигот на струја и со руинираниот пат. Владо Лазаревски од Леуново долги години се обидува да го сврти вниманието на институциите за проблемите во Маврово.

„Селата ги претворивме во градови. Вакви згради како што се изградија овде, нема во ниту еден национален парк во светот. Ова е хаос. Но, овој пат нема повлекување, ќе се бориме до крај. Ако новите институциите избрани сега од ВМРО, не ги решат проблемите, овде повеќе ќе нема живот“, вели Лазаревски, разочаран од лагите на многу власти и уморен од децениската битка да ја заштити природата која се уништува пред неговите очи.

Националниот парк се нагрдува со години. Законот за репрогласување на паркот кој требаше да се усвои пред две децении, сè уште не е донесен, а нема ниту план за управување со националниот парк. Без овие стратешки документи, во Маврово на сила е беззаконието.

Кога во 2005 стапи на сила Законот за заштита на природата, беа создадени услови и обврски за властите да ги ревалоризираат сите заштитени подрачја.

Но, и покрај јавно декларираната волја тоа да се случи, секогаш се бараа оправдувања зошто да не се усвои Законот за репрогласување на Маврово за национален парк. Со него ќе се стави крај на штетните практики, ќе се обезбеди солидна правна и физичка заштита на природните богатства, паркот ќе биде соодветно зониран и плански ќе се развива.

И додека политичките моќници сите овие години калкулираа со заштитата, на терен владее анарахија, масовна урбанизација, неконтролирано се гради, никнуваат дивоградби, се сече шумата, се уништува природата, а мештаните си заминуваат.

В.д. директорот на Управата за животна средина Игор Никоски за Само прашај вели дека ќе се заложи овој процес да успее и затоа ќе организира заеднички средби на експертите кои работеа на Студијата и раководството на Националниот парк.

Од страна на ЈУ НП Маврово дадено е позитивно мислење на Студијата за валоризација на НП Маврово, за која се побарани дополнителни консултации со експертскиот тим. Во таа насока, МЖСПП изготви нацрт-закон за прогласување на Маврово за кој треба да се одржи и јавна расправа по предлогот кој ќе биде ставен на ЕНЕР”, ни рече Никоски.

Репрогласувањето на Маврово за национален парк повторно е стопирано

Тим од десетина експерти, еколози, професори  се потпишани на последната Студија за ревалоризација на паркот изготвена во декември 2023 година, а во теренските истражување учествувале уште триесетина експерти и професори. На повеќе од 400 страници, во студијата има податоци за природните богатства на паркот, социо-економските карактеристики, сопственичките права, податоци за шумата, почвата, хидрологијата, вегетацијата, екосистемите, агродиверзитетот, пределската разновидност, геодиверзитеот итн. Напишана во консултација со жителите, невладините организации, претставници на националниот парк, таа е всушност дополнување на последната Студија за ревалоризација од 2011 година, изработена во рамки на проектот „Заштита на животната средина, економски развој и промоција на одржлив еко-туризам во Националниот Парк Маврово“, а промовирана од невладините организации Oxfam Италија и GVC, со финансиски средства обезбедени од италијанското Министерство за надворешни работи.

Промените кои во паркот се случиле во овој подолг временски период – повеќе од 13 години, се содржани во новата студија и тие влијаеле да се поместат и границите на зонирањето на паркот. Па така, сега се предлага да се прошират зоните на строга заштита (за 15%) и на активно управување (за 3%) споредено со студијата од 2011 година, а намалување има кај зоната за одржливо користење (18%).

Менувањето на границите на зоните, посебно проширената зона на строга заштита го мобилизираше новото раководство на Националниот парк Маврово кое бара да се стопира усвојување на законот за репрогласување на паркот и зонирањето да се врати во границите определени со студијата од 2011 година.

Тие приговараат дека со новопредвиденото зонирање ќе се намалат можностите за развој, а населението ќе биде принудено уште помасовно да се иселува. Интересите на локалното население и социоекономскиот развој во последниот период биле запоставени и тоа треба да се промени. Според нивните забелешки, студијата се подготвувала за краток период од само шест месеци, а во работната група не бил вклучен и експерт од Шумарскиот факултет.

„За жал, како сме тргнеле ние со новото предлог – зонирање кое сè уште е предлог, се движиме во правец на тоа дека ние ќе работиме само на столбот на заштита на природата, а локалното население и нивниот социо-економски развој ќе го ставиме во втора, трета можеби и во последна положба. Зошто го зборувам ова – ако во 2012 година согласно сите критериуми, европски конвенции 34 експерти дојдоа на територијата на Маврово и го потврдија неговото богатство и кажаа дека има толку и толку видови на животни сега во тоа време во рамки на тригодишниот процес се изготви предлог – зонирање – тоа зонирање беше искомуницирано со сите засегнати страни, зборуваме од локално население до верски заедници, земјоделски стопанства до бизнис-сектор и навистина до сите засегнати страни. Во 2024 година за жал се отпочна со еден процес кој, ако направиме една компарација од 2012 година кога тој процес на изготвување на таа студија за ревалоризација и менаџмент план траеше три години, сега оваа работа се направи за шест месеци“, вели Гоце Анастасоски од Националниот парк Маврово.

Тој објаснува дека строгата заштита каде не се дозволени никакви активности (Црвена зона) од 11,6 проценти во 2012 година, денес е 26,40%, односно е зголемена за 14,83%. Според него пробллемот настанува во делот на обработувањето на земјоделското земјиште кое на територијата на НП Маврово е 30 проценти, а најголем дел од него е во оваа „црвена зона“, поради што тоа нема да може да се обработува бидејќи во овој дел е забранета секаква механизација.

Зголемен е и процентот на зоната за активно управување од 32 проценти на 35 проценти, а за сметка на тоа е намалена зоната за одржливо користење односно „зелената зона“ и тоа од 56,3 проценти на 37,8 проценти.

 „Локалното население со право на тие средби го постави прашањето: Што се случи во изминатите 10 години од 2012 до сега за толку многу притисокот и ограничувањето на локалното население да се зголеми? За да биде појасно за колкава територија станува збор, ако една општина Центар има 7,5 километри квадратни, а општина Чаир 3,5 километри квадратни, ние зборуваме за околу 15 општини Центар зголемување на зоната под строга заштита односно околу 27 или 28 територии на општина Чаир зголемена територија под строга заштита, а зборуваме за околу 20 општини Центар намалена зона за одржливо користење. Тоа е еден прекрасен податок ако се гледа само од страната на експертите, но апелирам Националниот парк Маврово да не се гледа само како на место во кое живеат само животни и растенија, односно треба да се гледа како место на кое живеат и луѓето заедно со природата“, вели Анастасоски.

Бидејќи во паркот има услови за живот за дивите ѕверови, мечките, волците и рисовите, Анастасоски потенцира дека тие бараат да не се намали заштитата за животните, но по истата аналогија да се креира план кој ќе одговора и на локалното население, за да се запре иселувањето. Поддржуваат заштита на ретките видови флора и фауна, но само на мала територија.

„Ако се пронашол вид важен согласно црвените листи, важен согласно некакви критериуми да биде заштитен, но да биде заштитен на една мала територија. Немаме потреба од мегаломански заштитени подрачја кои тешко ќе ги управуваме, уште потешко ќе ги заштитиме поради тоа што многу е тешко да заштити неодредено подрачје. Но, целата тежина потоа останува на нас кои буквално ќе треба да ја спроведеме таа заштита треба да има движење само по ограничени патеки, а зборуваме за локално население кое години користеле одредени шуми и земјиште и ние сега ги ставаме во строга заштита. Мислам дека не би требало тоа да го правиме, односно да појаснам, тие места кои се дефинирани од експертите кои многу ги почитуваме да ги ставиме на одредени точки со обележување со локалитети кои точки многу полесно ние ќе можеме да ги заштитиме, да ги ограничиме и да ги контролираме“вели Атанасоски.

До Националниот парк Маврово стигнале писма и од дел од локалното население и од здруженија на планинари, качувачи на карпи и велосипедисти.

Тие бараат, на пример, да се изостават планинските и велосипедските патеки од црвената зона за да не се намали потенцијалот за развој на туризмот, површините на шуми и на ливади кои се во приватна сопственост да останат во активната зона итн.

И претставниците на невладината еколошка организација „Зеукстритрон“ се согласуваат со дел од забелешките на раководството на НП Маврово и на мештаните. За нив зонирањето е делумно прифатливо, но сметаат дека треба да се земат предвид нивните три предлози: имотите на луѓето да останат во зоната на активно управување, да се потенцира туристичкиот потенцијал и целиот предел над 2.000 мнв да не биде во „црвената зона“.

„Околу населените места имаме зонирање каде што е за управување односно ‘жолта зона’. Околу тие населени места најголем број имаат имоти, односно приватни имоти, но од Катастар не е така заведено, за жал. Тие луѓе најголем дел се во странство, но сепак тоа се нивни имоти и сега кога би се мапирале и би се ставиле тие имоти во таа зона на активно управување тогаш тие утре не би можеле да направат никаков зафат без да се испочитуваат тие додатоци коишто отпосле ќе треба да се направат во планот за управување којшто ќе треба да го изработи Националниот парк Маврово. Исто така, на одредени места, каде што треба да се стави акцент на туризмот, еве, особено на овој крај тука којшто е многу живописен, за жал, тие туристички можности не се земени предвид со овој план, односно не се вклучени експерти од туристичката фела коишто би требало да дадат предлози за одредени места каде би имале потенцијал за развој. И исто така како една забелешка е што над 2.000 метри целата зона на националниот парк е строго заштитена, односно зона на строго заштитено подрачје. Тука исто би имало потенцијал утре да се направат некои планинарски домови или планински куќички, кои со ваквиот плн не би можеле да се направат“, вели Кемал Исметовиќ од Здружнието за екологија „Зеукстритон“.

Мора да се зачуваат културните и природните вредности

Од експертскиот тим кој ја изготвуваше Студијата велат дека новите зони биле дефинирани во консултации со сите вработени во паркот, исто така и со мештаните и сите дале согласност за нив.

„Мислам дека новите зони кои сè уште не се усвоени се добар компромис помеѓу заштита на природата и функционирањето на мештаните. Зоните беа заеднички исцртани и дефинирани заедно со експертите вклучени во студијата, националниот парк и МЖСПП, а за нив беа организирани јавни расправи за да се запознаат и мештаните. Беше донесена конечна одлука за нивно прифаќање“, вели д-р Диме Меловски, раководител на програмата за закрепнување на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво, кој беше вклучен во Студијата за ревалоризација на НП „Маврово“ како експерт за цицачи и пеперутки.

Меловски нагласува дека паркот треба да се сфати како огромна можност и потенцијал за развој на рурален и екотуризам.

„Секако дека ќе остане атрактивен за домашни и странски туристи само доколку сè уште може да понуди културни и природни вредности. Тоа е главната порака што треба раководството и мештаните да ја разберат за ова заштитено подрачје да се развива во правата насока. Тоа што во паркот постојат живи села (н.з има 34 населени места) е исто така од големо значење за биодиверзитетот, бидејќи тие жители со екстензивното земјоделие и сточарство придонесуваат за поголемо видово разнообразие“, вели Меловски.

И тим-лидерот на Студијата Менка Спировска смета дека покрај заштитата на биодиверзитетот, при дефинирање на зоните се грижеле и за локалниот економски развој и за сите традиционални активности на жителите кои се во зоната на одржливо користење. Во оваа зелена зона се и сите имоти на жителите, вели Спировска, биолог, управител на „Деконс-Ема“ и експерт за оценка на влијанието врз животната средина и за оценка на штетите во животната средина. Биле почитувани законските одредби и досегашната пракса во зонирање на заштитените подрачја во РСМ и се следеле добрите светски практики за избегнување на директен контакт на зоната за строга заштита и зоната за активно управување со надворешните граници на Паркот.

Спировска образложува по кои принципи се воделе при дефинирање на зоните:

  • Заштита на природните вредности, со акцент на биолошката разновидност (значајни живеалишта и видови, значајни компоненти на геолошката разновидност) и оценка на подрачјето, во смисла на идентификуваните вредности, нивната значајност и степен на загрозеност.

Притоа, најзначајните вредности на Паркот мора да бидат опфатени најмалку во зона за активно управување. Во оваа зона се опфатени и сите останати компоненти (живеалишта и геовредности) за кои се потребни мерки за подобрување на состојбата.

  • Во границите на зоната за строга заштита не може да постојат позначајни градби, линиска и друга инфраструктура која негативно би влијаела на примарните цели на заштита на подрачјето и со користењето или одржување на истата би се афектирале идентификуваните значајни вредности на компонентите од природата.
  • Поддршка на локалниот економски развој и традиционалните активности на жителите во подрачјето, земајќи ја предвид пределската разновидност – ваквите делови од НП „Маврово“ се вклучени во зоната за одржливо користење.

Покрај тоа, во зоната за одржливо користење се вклучени и: постоечката инфраструктура, акумулацијата Мавровско Езеро, Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“, итн. Овде секако треба да се истакне дека при зонирањето се почитувани атарите на селата, вклучувајќи ги можностите за нивен развој и приватните имоти на жителите (кои до максимум беа вклучени во зоната за одржливо користење).

  • Компатибилност на зонирањето со други национално заштитени подрачја, во овој случај Националниот парк „Шар Планина“ – зоните за одржливо користење во НП „Маврово“ и НП „Шар Планина“ целосно се поклопуваат.

Зоните за строга заштита и активно управување помеѓу двете заштитени подрачја се компатибилни. Компатибилност на зонирањето со меѓународно заштитени подрачја – тоа е направено со подрачјето Длабока Река кое е на листата на Светското природно наследство – букови шуми во Европа. Емералд подрачјето Маврово се преклопува со НП „Маврово“. Компатибилност на зонирањето со заштитеното подрачје Парк на природата „Кораб-Коритник“.

Големината на зоните е дефинирана само врз основа на историски податоци и сегашни истраги, валоризација на природното богатство и сл., а не врз калкулација со површини или споредба со површините дадени во претходното предлог зонирање, појаснува Спировска, а проширувањето или намалување на зоните е поради идентификуваните промени во биолошка разновидност, заканите како и степенот на нивната загрозеност. Таа нагласува дека населението кое живее во селата или има имот во туристичките населби во опфат на Националниот парк Маврово, не треба да го чувствува новото зонирање како пречка за идниот развој, туку како можност за подобро регулирање на сите нивни потреби и одржливо користење на сето она што им го нуди ова подрачје.

И покрај различните ставови околу новото зонирање меѓу жителите и надлежните, сите се согласуваат дека на паркот итно му треба законска регулатива за да се стави крај на беззаконието.

„Донесување Закон за прогласување на НП ‘Маврово’ ќе ги отвори следните чекори кон правилно управување со Паркот и развој на целата општина Маврово-Ростуше, ќе обезбеди можност да се подготви План за управување со НП ‘Маврово’, кој е најзначаен документ за идното управување со Паркот и во кој ќе бидат дефинирани сите активности кои може, или не, да се одвиваат во зоните, ќе го уреди несоодветното користење на природните ресурси (екосистемските услуги кои ги нуди природата: водите, шумите, лековитите растенија и сл.),ќе го унапреди сточарството, ќе даде можности за урбан развој и ќе го контролира урбаното дивеење, ќе обезбеди можности за развој на екотуризмот и пласирање на уникатните традиционални обичаи на Регионот на ниво на земјата, но и во странство, ќе го унапреди планинскиот туризам и ќе даде правци за развој на различни видови планински туризам (лете и зиме)“, вели Спировска.

Урбанистичките планови се блокирани, но не и градбите

Големи објекти налик на згради го окупираа мавровскиот пејзаж. Натпреварот кој ќе изгради повисоко и поголемо трае и денес, додека жителите бараа институциите да почнат да делуваат.

Изиграни од сите институции кои не преземаа никакви мерки, беше поведена иницијатива до Уставниот суд, кој ги поништи урбанистичкиот план за Маврово усвоен во февруари 2015 година и урбанистичкиот план Леуново, Никифорово и Анови донесен во јули 2001 година. Судот, меѓу другото, утврди дека со урбанистичките планови кои биле на сила повеќе од десет години, спротивно на законот се дозволувало да се градат објекти на крајбрежјето на Мавровското езеро, а исто така било дозволено и општината да продава имоти кои се наоѓаат во заштитен појас на акумулација до крајбрежјето на Мавровско Езеро, иако немала законско право за тоа.

Со укинувањето на урбанистичките планови, градењето требаше да запре сè додека не се донесат новите планови – кои се исто така заглавени зашто го чекаат репрогласувањето на паркот односно новите граници на зоните во кои ќе биде дозволено градење, но тоа не се случи. Но, поединци најдоа начини како и покрај забраната од  Уставен и со блокирани урбанистички планови да добијат дозволи за градби.

„Се соочуваме со потреба на граѓани коишто сакаат да изградат свои викендички или други објекти во мавровскиот регион и во други населени места и законот тоа им го дозволува, барем од она со службите што разговаравме и разгледуваме, значи граѓаните имаат право на својата парцела да си поднесат урбанистички проект вон опфат на урбанистички план каде што можат да дојдат до одредено одобрение за градба. Тоа е исто како да носите нов урбанистички план ама само за својата парцела и во таа постапка се бара мислење од сите надлежни институции и доколку една од нив не даде позитивно мислење не може да се усвои тоа“вели Медат Куртовски, градоначалник на Маврово-Ростуше.

Тој потврди дека до Општината се стигнати такви барања по електронски пат и тие не можат да ги спречат граѓаните да аплицираат во системот.

„Честопати се доведуваме во ситуација тие што аплицирале за такви урбанистички проекти да пријавуваат кај инспекторатите -инспекторатите доаѓаат кај нас и ни даваат решение дека мора да постапиме во законскиот рок. И сега ние се наоѓаме помеѓу две страни – едната страна е законот којшто ги укина тие планови но од друга страна истите тие закони даваат можност преку други урбанистички планови, урбанистички проекти да се дојде до одобрение за градба. Ние побаравме и средба во Уставниот суд на која баравме да ни биде објаснето како да постапуваме со предметите понатаму. И таму стои во деловникот дека сите постапки коишто се почнати со извод од тој урбанистички план којшто повеќе не важи сите се стопираат. Имаше ситуации кога луѓе имаа одобрение за градба и се чекаше правосилноста на тоа одобрение, но настапи периодот на забрана на укинување на планот и тие постапки им ги прекинавме на луѓето. И сега истите тие се жалат до одредени институции како ќе одлучат повисоките институции така ќе постапиме“, објаснува градоначалникот Куртовски.

Според податоците на општината, по одлуката на Уставниот суд која беше донесена во април минатата година, издадено било едно одобрение за градба на викендичка во Маврови Анови, а во текот на цела 2024 година вкупно 3 одобренија и 5 решенија (одобренијата се за објекти, а решенијата за заштитни ѕидови или гаражи).

Споредено со изминатите години, најмногу одобренија се доделени во 2020 година – 62 и 6 решенија, следната 2021 биле издадени 46 одобренија и 16 решенија, во 2022 – 33 одобренија и 14 решенија и во 2023 биле доделени 21 одобрение и 7 решенија.

Градоначалникот Куртовски вели дека тие како локални власти се обидуваат да ги ограничат градбите со оглед дека станува збор за национален парк, а открива како се манипулира  во однос на висината на објектите.

„Она што според мене се злоупотребува е тоа што нултата точка од која се смета колку спрата треба да биде куќата, бидејќи местото не е рамно, косина е и тие таа косина ја користат и од горна страна кога го гледате објектот, тој има два спрата ама од долна страна доаѓаат три или четири спрата поради тоа што не може објектот да лебди тој мора да биде на цврста основа. Таа законска можност тие ја користат за да дојдат до тие објекти“, посочува Куртовски.

Општината, освен што е блокирана во процесот на носење на урбанистички планови, мораше да го стопира и процесот на легализација на објектите. Со одлука на Министерството за животна средина овој процес е запрен додека не заврши и не се усвои зонирањето на паркот.

Колку долго ќе трае овој процес и уште колку ќе се чека законот за репрогласување на паркот никој не може да каже. Од Националниот парк велат дека ќе бараат да се репреговараат зоните, но додека не се постигне согласност Маврово останува да живее без законска регулатива која треба да им стави крај на девастирачките шеми и да ги запре матните игри на поединци кои го користат безредието за свој профит. Останатите си заминуваат неповратно. Последниот попис покажа драматично намалување на населението – повеќе од 40 проценти се иселиле и од повеќе од 8.500 жители колку што имало во 2002, денес брои околу 5.000. Трендот на иселување не запира.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ