сабота, 27 јули 2024

Матичните книги, бугарските здруженија, Изборниот законик, референдумот на Левица под лупата на Уставниот суд

Објавено на

часот

Сподели

Уставниот суд денеска ќе расправа по сопствената иницијатива за оспорување на Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење на матичните книги откако министерот за правда Кренар Лога го потпиша ова упатство со кое меѓу другото се предвидува и изјаснување по етничка основа и графа за определување родова припадност.

Сметам дека Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот, има одредби кои го кршат Уставот. Дали во текот на постапката ќе се осврнеме и на законот или во меѓувреме ќе има иницијатива, или евентуално ние ќе оформиме предмет и за законот, тоа е нешто за кое можеме да разговараме после тоа. Во оваа фаза е оформен предмет за упатството, што понатаму, ќе видиме, изјави на последната средба со новинарите, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Здружението на граѓани „Македонско-бугарско пријателство” го оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации затоа што смета дека тој е спротивен на член 20 од Уставот.

„Оспорениот закон го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права. Со ваквиот закон, законодавецот се вмешал во организации кои се дел од приватната сфера и пропишува дополнителен услов, кој не е во согласност со членот 20 од Уставот кој ја гарантира слободата на здружување. Оспорениот закон е неуставен затоа што граѓаните може да основаат здруженија, да пристапуваат и од нив да истапуваат сѐ додека програмите и дејствувањето, а не името или скратеното име не се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување на воена агресија, разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост“, пишува во дел од иницијативата.

Адвокатот Тони Менкиноски пак, бара поништување на Статутот и Програмата за работа на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис III од Охрид Статут.

„Оспорените акти се противуставни бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост“, наведува Менкиноски во иницијативата.

А во период во кој можните предвремени избори се жешка политичка тема, Демократскиот сојуз се сомнева дека дел од Изборниот законик е неуставен.

„Одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозуваа политичкиот плурализам. На тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои се одвоени за таа намена. Со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквост и се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар“, пишува во дел од иницијативата на Демократскиот сојуз.

Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев бара од Уставниот суд заштита на неговите лични слободи и права.

Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието, Талат Џафери со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум. Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти“, пишува во најавата на Уставниот суд за денешната седница.

Освен овие на дневен ред се и иницијативи поврзани со работата на МВР, урбанизацијата на општина Кисела Вода како и прашања поврзани со остварување на права на старите лица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ