По шест години владеење на Муамед Сејдини, ФФМ доби нов предводник, Масар Омерагиќ кој е избран за нов претседател.
„Јас сум еден од вас, човек од фудбалот, знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија. Ова е тимска работа исто како и фудбалот. Треба многу трчање, многу пот за да се постигнат целите. Со работа започнуваме веќе од утре. Имам неколку клучни точки кои ќе ги применам во моето владеење: Враќање на легендите во структурите на македонскиот фудбал. Чест ми е што мојата програма ја покажаа многу истакнати имиња. Фудбал за секое дете. Мојот сон и сонот на секое дете е да прерасне во фудбалер. Регуларно првенство, итно воведување на ВАР, инфраструктура. Да создадеме нормални услови за секој фудбалер. Обединување околу националните селекции, особено околу А селекцијата. Чесност, чист образ и транспарентност. Вратите на ФФМ се широко отворени за сите оние кои се со идеи да помогнат за доброто на фудбалот. Но и затворање на вратата на сите кои работат за лошото на фудбалот. Нулта толеранција за корупцијата во македонскиот фудбал“, изјави новиот претседател, Масар Омерагиќ на своето обраќање.
Масар Омерагиќ е седмиот претседател во историјата на ФФМ по осамостојувањето на Македонија. Досега на оваа функција беа: Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) и Муамед Сејдини (2018-2024).