четврток, 27 март 2025

Марш во Скопје – „правда за жртвите“ (ФОТО+ВИДЕО)

Со триминутен молк, положување цвеќе и палење свеќи за настраданите во Кочани, почна вечерашниот марш што го организира граѓанското движење „Кој е следен?“. Учесниците се собраа на плоштадот „Македонија“ од каде што, преку Триумфалната капија, се упатија кон Собранието.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Тие скандираат „Доста беше смрт”, „Секој еден, може да е следен”, „Правда за жртвите” и „Доста бевме ние, системот е следен”. Може да се видат и транспаренти на кои пишува „колку мито треба за да ги вратиме жртвите”, „нема тишина, само правдина“…

Со аплауз и скандирање „Вие сте херои“ учесниците на вечерашниот марш, минувајќи покрај Градската болница во центарот на Скопје ги поздравија медицинските работници.

Протестниот марш планирано е да заврши пред Владата, каде што ќе има собир, 16-минутен молк за загинатите и говори.

Во најавата за маршот беше напоменато дека граѓанското движење е против секаков вид насилство и провокации, а воедно се оградува и од каков било повик, скандирање (говор на омраза) или однесуванье кое има за цел да го наруши јавниот ред и мир.

„Забранети се партиски обележја зашто протестот е граѓанска иницијатова и не смее да се партизира. Учесниците да ги почитуваат инструкциите на редарите, да избегнуваат секаков вид провокации, да не носат остри предмети, оружје, пиротехника и да не фрлаат отпад“, наведуваат од „Koj е следен?”.

„Ние сме граѓанска иницијатива, не сме поврзани со ниту една политичка партија. Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме“, изјави Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“.

Поради протестниот марш, од 19 часот е воведен посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје. СВР Скопје апелира да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ