Карни ја презема извршната власт во турбулентно време за Канада, која е во средина на трговска војна со долгогодишниот сојузник САД, а оваа година ја очекуваат и парламентарни избори.
Карни (59) убедливо ја победи поранешната министерка за финансии Кристи Фриланд со 86 отсто од гласовите од нешто помалку од 152.000 членови на партијата кои гласаа.
Досегашниот премиер Трудо беше на власт повеќе од девет години, но во јануари најави дека ќе се повлече од функцијата, по остриот пад на неговиот рејтинг, што ја принуди Либералната партија да пронајде нов лидер.
„Нема простор за грешка, ова е клучен момент за нашата нација. Демократијата не е дар од небо. Не е ниту слободата. Ниту Канада“, рече Трудо. „И сега, додека ние Канаѓаните се соочуваме со егзистенцијални предизвици и економска криза, покажуваме од што сме создадени“, рече премиерот во заминување.
Неговиот наследник нагласи дека тој е најдобриот кандидат за лидерската позиција, кој ќе ја оживее партијата и ќе ги надгледува трговските преговори со Доналд Трамп. Американскиот претседател им се заканува на северните соседи со дополнителни царини кои би можеле силно да ја погодат канадската економија.
Победата на Марк Карни е прва победа на кандидат надвор од светот на политиката. Иако нема политичко искуство, Карни како свој адут го наведе искуството како гувернер на две централни банки, канадската и англиската, па ќе знае како да се справи со Трамп, рече тој.
За време на кампањата, тој ги поддржа реципрочните тарифи против САД и координираната стратегија за поттикнување инвестиции. Дополнително, тој верува дека канадскиот раст под Трудо не бил доволен.
На почетокот на годината Либералната партија заостануваше 20 процентни поени зад конзервативците. Два месеци подоцна, двете партии се речиси изедначени на анкетите, но ниту една не може да формира мнозинска влада.
Партиски извори велат дека новиот премиер во наредните недели ќе распише парламентарни избори кои мора да се одржат најдоцна до 20 октомври.
Лидерот на Конзервативната партија, Пјер Полиевре, во последно време од либералите е споредуван со американскиот претседател Трамп. Но, Полиевре не им остана должен.
„Либералите ќе направат подол трик“, рече Полиевре на предизборен митинг. „Тие ќе се обидат да освојат четврти мандат со тоа што ќе го заменат Трудо со неговиот економски советник Карни. Доналд Трамп ќе има широка насмевка на лицето“, додаде тој.
Од друга страна, Карни одговара дека немал голема улога во советувањето на Трудо, нагласувајќи дека неговите бројни обврски на глобално ниво му оставиле малку време.