петок, 26 јули 2024
Портпаролот на грчката влада во ТВ гостување

Maринакис: За спорот со името оружје ни беше НАТО, го загубивме, сега меморандумите се нашето оружје

Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис изјави дека меморандумите што произлегуваат од Договорот од Преспа нема да се ратификуваат „додека трае оваа ситуација“ и дека се следи „развојот на настаните во Северна Македонија“. Тој рече дека во спорот за името со договорот зад кој стои СИРИЗА, Грција еднаш го загубила НАТО како „оружје“, но дека сега оружјето се меморандумите.

Објавено на

часот

Сподели

„Во никој случај нема да се ратификуваат меморандумите сè додека трае оваа ситуација“, рече Маринакис во интервју за грчката телевизија Скај, пренесува МИА од Атина.

Тој уште еднаш посочил дека Грција ќе го следи „развојот на настаните од новата Влада на Северна Македонија“.

На прашањето дали одново ќе преговараат за Договорот од Преспа, Маринакис посочи дека бидејќи го почитуваат континуитетот на државата, сега се обврзани да го имплементираат „лошиот договор што не го сакаа и не го гласаа“.

Владиниот портпарол упати критики до СИРИЗА за одлуката да ги донесе меморандумите во Парламентот.

„Доаѓа сега СИРИЗА во моментот кога другата страна не го прави ниту основното, не користи ерга омнес за името, односно како се вика земјата, наместо да вели Северна Македонија, вели Македонија, а опозицијата која, во ред, опозиција е, но е опозиција во Грција, што вели? Како одговор на другата страна, што не се придржува до основното, да им дадеме сè. Не ја именувате земјата како што предвидува договорот? Ние ќе изгласаме сè. Го имаме изгубено едното оружје, кое е НАТО, сега да го изгубиме и второто, а тоа се преговорите за пристапниот процес во Европа на Северна Македонија“, рече Маринакис.

Тој оцени дека позицијата на СИРИЗА е несфатлива и дека нема никаква логика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ