среда, 23 октомври 2024

Маричиќ: СЕП одлучува што ќе се финансира, а контролата на европските пари е кај Министерството за финансии

Објавено на

часот

Сподели

„Впрочем, во нашиот систем тоа е посебно кривично дело – малверзации или злоупотреба на европските пари и имало многу држави во регионов коишто имаат и повеќе случаи – Романија, Бугарија, Хрватска имале проблеми во одредени фази, но ги надминале и ги искористиле средствата и со ИПА, а и со структурните фондови бидејќи со нив, знаете веќе ја објавија и таа анализа, кај 11 поголеми се структурните фондови“, рече вчера Маричиќ на брифингот со новинарите. 

СЕП одлучува за проектите, нема увид во истрагите

Тој ја појасни поделбата на улогите во македонскиот систем околу тоа како функционира користењето на ИПА фондовите.

„СЕП има примарна улога во програмирањето, во процесот на собирање информации и определување на приоритетите и проектите или областите што ќе се финансираат. И ние ги поднесуваме секторските оперативни програми. Тоа се програмите што ги листаат приоритетите за финансирање или проектите за финансирање и во моментот кога ќе се усвојат ги известуваме од Владата, ја известуваме ЕК како се усвоени. Средствата од ИПА фондовите се префрлаат во Министерството за финансии. Таму има посебна единица за спроведување на ИПА фондовите и таму во рамките на таа единица постојат исто така структури што ги прибираат информациите и ги добиваат забелешките и приговорите во однос на ИПА фондовите и од таму се реализираат понатаму проектите што сме ги утврдиле“, рече Маричиќ.

Истакна дека инспекциите ги прават преку Министерството за финансии за тоа како се спроведуваат конкретните проекти од европските пари и дека покрај оваа единица во МФ има и втор друг голем корисник на европските пари, тоа е ИПАРД агенцијата што ги добива директно средствата за менаџирање на фондовите поврзани со ИПАРД-от, односно со земјоделието.

Сѐ што не е ИПАРД оди преку Министерството за финансии. И тие имаат најточен увид. Ние ги немаме информациите бидејќи истрагите се тајни. И тие имаат механизми како да ги испитаат. Тие не мора да бидат ниту големи, ниту крупни, може и за помали проекти да се работи, но добро е сите да ги расчистиме докрај. Затоа што улогата на ова е токму да контролира како се трошат европските пари. Нормално дека секој проблем во користењето на европските пари нам ќе треба да ни укаже на некоја слабост дали од кај имплементаторите што можат да бидат општини, можат да бидат и компании, можат да бидат институции. Значи, важно е да се види за какви субјекти се работи и сето тоа да го расчистиме докрај, нагласи Маричиќ.

Додаде дека со делегацијата на ЕУ еднаш неделно имаат состанок на тема ИПА фондови, а на дневна основа комуницираат за сѐ што е потребно, бидејќи, како што кажа, борбата е секое евро да биде правилно искористено за целта за кое што е наменето.

Истрагите ги води друг, МФ само ги контролира парите

Од министерството за финансии вчера соопштија дека Одделението за координација на борба против измама на ЕУ парите (АФКОС) не располага со податоци кои произлегуваат од Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) од причина што согласно Рамковната спогодба за ИПА на земјава и регулативата на ОЛАФ, Европската канцеларија нема обврска да го информира АФКОС во врска со тековни или завршени истраги или со исходи од нив. Од МФ велат дека во случај на сомнеж, министерството за финансии прави првична анализа на случајот и понатаму тој се проследува до надлежните институции за преземање на понатамошни дејствија.

Од Министерството посочуваат дека земјава е посветена да ги почитува прописите и правилата на помошта од ЕУ, која е основа за успешна соработка и имплементација на европската помош и во овој процес од 2009 година има индиректно и децентрализирано управување со претпристапните фондови на Унијата. 

„Во таа смисла истакнуваме дека Република Северна Македонија, исто така, работи на откривање на евентуални нерегуларности, по кои во понатамошна постапка постапуваат надлежни органи. Согласно воспоставениот систем за управување со нерегуларности, во случај на детектирање на одредена нерегуларност од страна на ИПА структурите или дојава, односно сигнал за потенцијална нерегуларност добиена од надворешни извори или од службите на Европската Комисија, ИПА структурите во Министерството за финансии прават првична анализа на случајот и понатаму случајот се проследува до надлежните институции за преземање на понатамошни дејствија: Управата за финансиска полиција, АФКОС, ОЈО/ОЈО ГОКК и Државното правобранителство“, велат од МФ.

МФ наведува дека во периодот од 2015 до 2022 година се утврдени нерегуларности во 17 случаи за кои се преземени конкретни постапки.

„Согласно меѓународните договори и воспоставениот систем за управување со нерегуларности, ИПА структурите во Министерство за финансии на редовна квартална основа известува за статусот на секој случај и до Европската комисија, поточно ОЛАФ – Европска службата за борба против измама, преку електронскиот систем за известување на нерегуларности“, потенцираат за МИА од МФ.

МФ потсетува и дека 21 минатиот месец беа потпишани меморандумите за соработка меѓу Mинистерството за финансии и клучните институции во областа на заштита на финансиските интереси, како резултат на добрата пракса во земјите членки на ЕУ, во делот на ефикасна и ефективна заштита на финансиските интереси на Унијата, преку воспоставување на солидна координација на системот за заштита на финансиските интереси на Европската Унија.

„Исто така, секој граѓанин може да пријави сомнеж за нерегуларности на официјалната веб страница на Министерството за финансии во делот „пријавување неправилности“, додаваат од МФ.

Европската служба против измами (ОЛАФ), во вторникот соопшти дека од вкупно 36 истраги на Западен Балкан од 2017 до 2022 година, дури 18 се однесуваат на злоупотреби на европски фондови во Македонија. Подготвени биле седум препораки за европските институции и за македонските власти.

Во јануари годинава, Државниот завод за ревизија објави Извештај според кој отсуствува систем за користење на ЕУ фондовите за кофинансирање стратешки проекти.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ