петок, 26 јули 2024

Маргини: Медицинскиот факултет да се придржува до стандардите за трансродовото здравје

Ја изразуваме нашата загриженост и разочараност од одлуката на Деканатот на Медицинскиот факултет во последен момент да ја откаже дискусијата за аспектите на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите и родово различните лица наменета за студентите на медицина, пишува вореакцијата што до јавноста денеска ја упатија од коалицијата Маргини и ТрансФормА.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа одлука беше резултат на паниката, омразата, манипулациите и хистеријата којашто ја ширеа неколку анти-демократски и дискриминаторски индивидуалци, групи и коалиции, познати како анти-родови движења. Разочарани сме, и во шок и неверување, од јавно споделеното соопштение на Македонската медицинска студентска асоцијација, со кое, идните доктори, наместо да застанат во одбрана на научниот интегритет и професионалните стандарди и независност, го оправдуваат откажувањето на дебатата и се извинуваат за неа“, велат од Коалицијата.

Оттаму ги потсетуваат Деканатот и Медицинската студентска асоцијација на стандардите на Светската асоцијација на професионалци за трансродово здравје на упатството (СОЦ8) „засновано на докази за обезбедување на здравствена заштита на трансродовите и родово различните луѓе.

„СОЦ8 се заснова на најдобрата достапна наука со придонес од преку 100 глобални медицински професионалци и експерти, и претставува насоки за најдобра практика за обезбедување здравствена заштита што потврдува родот. Интервенциите кои го потврдуваат родот се засноваат на децениско клиничко искуство и истражување и не се сметаат за експериментални. Сите поголеми медицински здруженија вклучувајќи го и ВПАТХ го поддржаа обезбедувањето на грижата и медицинските услуги што го потврдува родот за трансрдовите лица како медицински неопходна грижа“, пишува межу другото во реакцијата.

За анти-родовите движења во Македонија велат дека покрај тоа што јавно шират говор на омраза и поттикнуваат насилство врз, и онака, ранливите популации, овие коалиции и здруженија, тврдат од Коалицијата, профитираат на сметка на реалните стравови, несигурности и анксиозности на граѓаните чиишто услови на живеење се сериозно подриени од различни социо-политички и економски фактори и политички елити, лажно претставувајќи ги маргинализираните групи како извор на стравот и прекарните услови на живот. Тие шират паника преку лажни вести и манипулирана статистика, погрешни извештаи и нецелосни податоци, и го спречуваат обезбедувањето на медицински неопходна нега.

„Наспроти овие притисоци, студентите по медицина, докторите, професорите и професионалните здруженија треба да бидат свесни дека медицинските одлуки мора да останат помеѓу давателите на услуги и пациентите и нивните семејства. Како професионалци, како студентите, така и Деканатот на Медицинскиот факултет, треба јавно и пред себе да се изјаснат дали стојат позади медицински професионални стандарди изготвени од експерти, научници и лекари кои се дел од преку 160 медицински, истражувачки, научни центри и институции од целиот свет, или пак ги предаваат своите стандарди и научен интегритет на предрасудите, омразата и насилството, и на манипулациите на целосно нестручни индивидуалци и квази-граѓански здруженија“, велат од Коалицијата.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ