понеделник, 15 април 2024

Манолева: Родителите на Леонид не побараа мислење за лекување во нашата установа

Родителите воопшто немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето, односно за рехабилитација на тоа дете во нашите установи, вели заменик-министерката за здравство Маја Манолева, на новинарско прашање дали детално е запознаена со случајот со пациентот Леонид Индов, кој на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со кој ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да дише.

Објавено на

часот

Сподели

Таа вели дека треба прво да се изоди тој пат и дури потоа да кажат да ја прегледаат целата медицинска документација, да го видат клинички пациентот и дури потоа стручниот колегиум на соодветните клиники да даде свое мислење и да каже дали има или нема можност за продолжување на лекувањето или на рехабилитација во нашите институции.

Прашана дали ќе има законски измени за тоа како ќе се постапува во иднина со вакви случаи, таа кажа дека како Министерство треба да постапат на иницијатива на пратеници и на граѓани, но посочи дека во земјава има здравствен систем којшто во последниве години во однос на апаратурата е напреднат.

„Треба да се испочитува здравствениот систем што го имаме, сите можности тука да се исцрпат па дури потоа нашите пациенти да бидат упатувани на лекување во странство. Секако, треба да се разгледа и оваа опција и да се предложи до Собранието некаква измена, односно откако ќе бидат исцрпени можностите во државава за лекување, пациентите да бидат упатени за лекување во странство и за рехабилитација и надвор од земјава“, рече Манолева.

На новинарско прашање дали имала комуникација со Владата и со директорите за испраќањето на Леонид со хеликоптер во Виена, рече дека неговото заминување било на индивидуално барање на родителот упатено до ЦУК, којшто информацијата ја има споделено до МВР, а МВР, заради потпишаниот меморандум за соработка со Министерството за здравство овозможило хеликоптерски транспорт на тежок пациент од Скопје до Виена.

Во однос на тоа зошто тогаш не посочила за можноста за рехабилитација во земјава, рече дека уште пред неколку месеци имала средба со родителите на пациентот, на којашто им образложила, како специјалист од областа, каков треба да биде патот на детето.

„Не е точно дека не сме се заинтересирале, дека не сме овозможиле ништо досега. Одлуката беше нивна. Не можете да влијаете на ничија одлука да го бара она што смета дека е најдобро за некого. Апсолутно ги поддржувам и се уште стојам на располагање на родителите за секаква помош што би можела да ја укажам и лично како лекар и како заменик-министер, но и како специјалист по физикална медицина и рехабилитација“, рече Манолева.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера на прес-конференција во врска со лекувањето на Леонид Индов во Виена посочи оти нема дилеми дека требало да се изврши медицинскиот транспорт.

Појасни дека на 4 јануари до ЦУК стигнал мејл од таткото на Леонид, Бранко Индов, во кој побарал медицински транспорт со хеликоптер од Скопје до Виена во Австрија, за неговиот син кој е болен од параплегија и кажа дека воедно таткото укажал дека е подготвен транспортот да го плати приватно, нешто што стои во прилог на самото негово барање.

Леонид на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со кој ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да диши. Тој беше првиот пациент транспортиран со полициски хеликоптер до Виена. Меѓутоа, од ФЗО го одбија барањето образложувајќи дека не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ