Значаен придонес кон позитивната оценка имаат и бројните подзаконски акти донесени од страна на Народната банка и спроведените обуки за зголемување на ефикасноста во работењето на финансиските институции, а истовремено позитивно се оценети и корективните мерки на Народната банка за унапредување на квалитетот на дејствувањето на финансиските институции во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.
Во Извештајот на „Манивал“, како што понатаму наведуваат од Народната банка, позитивно се оценети и високата свесност и ефикасноста на деловните банки во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Имајќи го предвид значајното учество на банките во финансискиот сектор на Македонија, позитивната оценка за нивното работење влијае врз оценката за системот на земјата во целина.
Ваквата оценка е резултат на долгорочни, постојани и сеопфатни напори за унапредување на регулативата рамка и спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Извештајот за нашата земја бил усвоен на 65-тата пленарна седница на Манивал одржана на крајот на мај. Во Извештајот дадена е позитивна оценка и за целокупната поставеност на системот за спречување перење пари и финансирањето на тероризмот, што може позитивно да влијае врз рејтингот на финансиските институции, добивањето поволни услови за меѓународни кредити и е предуслов за побрза евроинтеграција.