среда, 19 март 2025

Манев одговараше на прашањата на Палевски, судењето за убиствата на Вања и Панче продолжува во понеделник

На денешното судење за двојното убиството на Вања и Панче, обвинетиот Велибор Манев беше испитуван од страна на обвинетиот Љупчо Палевски и неговиот бранител, адвокат Јовица Страшевски.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на прашањата на Палевски, Манев наведе дека времетраењето на грабнувањето на Панче Жежовски било околу 40 минути, за време на кое, според неговото тврдење, Палевски ги уверувал дека „сѐ е во ред“.

„Нѐ убедуваше дека сѐ е во ред, сѐ е таман, за после да седне на возачкото место на возилото од Панче и да нѐ спушти доле на паркингот, да стави гориво и да продолжиме спрема местото на земуницата“, рече тој.

Прашан како успеал да види како наводно Палевски  бил во куќата на убиениот Жежовски и го зема неговиот телефон додека го врзувале и носеле Панче во гепек, Манев одговори дека телефонот на Панче бил пронајден на местото за кое дознал од Љупчо Палевски.

„Лично видов дека влегува во внатрешниот дел на куќата, а откако ставивме гориво тогаш Палевски ни кажа дека телефонот го извадил од полнач и го фрлил во дол“, рече Манев.

Палевски поставуваше повеќе прашања во однос на временските рамки за извршување на убиствата при што посочи на неколку искази на Манев, според кои, настаните не се опишани идентично. Одговорот на Манев за причината за ова беше дека тоа е поради состојбата во која ги давал изјавите во тие моменти.

„Првите две верзии што ги кажав, ги кажав во таква состојба за после тоа да ми се избистри главата комплет и да почнам да зборувам она што е вистина, па што сака нека биде понатаму“, рече тој.

Во врска со настаните поврзани со убиството на Вања, обвинетиот Манев потврди дека бил присутен на локацијата и објасни дека, по извршувањето на делото,  за копањето на дупката биле користени алати кои подоцна биле фрлени.

„Јас во моментот кога Љупчо Палевски ја уби Вања не бев сто метри далеку да разгледувам, бев на 10-15 метри подалеку од него кога го видов дека го носи перничето и пука. Потоа извади нови алати и нѐ натера да копаме дупка десетина метри од местото каде што ја уби и да ја закопаме“, рече тој.

По подолга расправа, прашања и одговори во однос на различните искази, Манев повторно посочи дека бил многу прашуван и веќе не знае што кажал. Посочи дека откако стигнале на местото, како што рече „Љупчо Палевски ладнокрвно си запали цигара го отвори телефонот и тогаш кажа дека се дигнала џева на интернет дека се бара Вања“.

Прашан како е возможно да нема траги од крв кога детето е убиено надвор од дупката, па подоцна е копана дупката, одговори дека детето било во вреќата.

„Пред да го преместиме детето беше во вреќа, вреќата ја извлече Палевски и ја фрли во колата на Панче Жежовски. Можно е самата вреќа да има капки крв на местото каде што ја уби“, рече тој.

Потоа беше прашуван од адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, во врска со тоа кој се возел во цитроенот, а кој во другите возила. Прашан, дали снимките и службените белешки на службените лица од СВР Велес, според неговиот исказ, се неточни, Манев одговори дека колку што знае на снимките се гледа дека во автомобилот рено кангу има двајца, а во цитроенот се гледа една личност, затоа што втората била на задно седиште во сенка, во темниот дел на возилото на Панче Жежовски.

Прашан зошто, ако при толку ќотек признал работи што не се вистина, а не им кажал на МВР и ОЈО дека еден од важните докази, тоа е алатот со кој што го закопале Панче, е кај него дома, тој одговори дека мисли дека лопатата е земена за вештачење.

„Да ме прашаа во моментот со што сум закопувал, ќе кажев“, рече Манев.

Прашан дали откако го отворил гепекот Љупчо Палевски разговарал со Вања да ја испрашува чива е и која, одговори потврдно.

„Да, Љупчо Палевски разговараше со Вања и точно наведе дека ги познава родителите, дедо ѝ на Вања и целата фамилија општо“, рече тој.

Манев беше прашан и дали има видено потврда за одземени предмети, со што посочи дека добил известување за тоа што е одземено.

Во однос на прашањето дали смета дека  со ваквите исказ направил штета на истрагата и сега обвинетите, одговори дека смета дека направил грешка само кон Александар.

„Свесен сум дека направив голема грешка изнудена од тортура на полиција кон Александар. Што и тој ја помина сета таа тортура што и ние ја минавме на почетокот. Јас во ниту еден момент не ја попречував истрагата освен во еден момент кога под присила на инспекторите го кажав тоа за Александар и со тоа нанесов своја душевна болка, кон другите немам ништо да скријам или наштетам на истрагата“, рече Манев, дополнувајќи дека жали што испаднало така за Александар.

Во однос на прашањето за извесен човек кој помагал во истрагата, рече дека за тоа ќе одговори Палевски.  Тој посочи дека Палевски ја одлепил траката од устата на Вања Ѓорчевска, ја сликал со вперен пиштол, а откако ја убил во ранче го спакувал пиштолот заедно со три мотороли и наредил на некој да го уништи пакетот.

Прашан зошто досега не го споменал овој момент, Манев одговори за да го заштити човекот кому му било наредено да го уништи пакетот, бидејќи тој, како што рече, воопшто не учествувал во двете убиства.

Прашан што друго бил натеран да каже, а не било така, одговори да не ја менува изјавата што ја дал во полиција.

„Да не ја менувам изјавата што сум ја дал во полиција, иако им укажував дека не е сѐ така како што е, тие од една страна влегува, од друга излегуваа. Го тепаа Кешишев, потоа влегуваа кај мене, повторно ме испитуваат и на тој распит ми велеа овој другиов не кажа така. Ме тераа да кажам дека сме ја копале дупката претходно. Наводно некој друг го кажал тоа од тепањето. Цело време наведуваа некои нивни факти. Ме прашуваа зошто тоа го кажувам, кога претходниот, велел дека не е така, дека било поинаку. Ми велеа дури како сум убил јас, јас им реков дека ниту пиштол немам, како можам да убијам. Ми велеа дека не е така, другите така кажале“, опиша Манев.

Прашан дали по малтретирањето пред нив признал дека убил, одговори дека единствено тоа не го признал.

Претходно на денешната расправа Манев беше испитуван и од бранителите на Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.

Во изјава за медиуми по расправата, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, посочи дека денешното сведочење на Манев ја потврдува тезата на одбраната дека Александар нема никаква врска со случајот. Додека, адвокатот Јовица Страшевски, бранител на Палевски, посочи дека смета со сведочењето Манев изнел невистини.

Судењето продолжува на 24 март со испитување на Манев од страна на судот како и испитување на Боре Видевски.

Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.

Во обвинението пишува дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ