среда, 23 октомври 2024

Мали ја обвини Украина дека им помагала на бунтовниците кои убија руски платеници

Мали објави дека ги прекина дипломатските односи со Украина, откако воен претставник сугерираше дека Киев одиграл улога во смртоносните борби во близина на границата со Алжир минатиот месец.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Десетици малијски војници и платеници од руската група Вагнер се убиени во судирите со туарешките сепаратистички бунтовници и борците поврзани со Ал Каеда.

Андриј Јусов, портпарол на воената разузнавачка служба на Украина, минатата недела изјави дека бунтовниците ги добиле „неопходните информации“ за да го извршат нападот.

Високиот функционер на Мали, полковникот Абдулаје Маига, рече дека неговата влада била шокирана кога го слушнала тврдењето и ја обвини Украина за кршење на суверенитетот на Мали. Коментарите на Јусов „ја признаваат вмешаноста на Украина во кукавичкиот, предавнички и варварски напад на вооружени терористички групи“ што доведе до смрт на војници од Мали, рече полковникот Маига во изјавата, пренесува Би-би-си.

Минатата недела војската на Мали призна дека претрпела „значителни“ загуби за време на неколкудневните борби што избувнаа на 25 јули.

Судирите се случија во пустината во близина на Тинзауатен, североисточен град на границата со Алжир. Извештаите велат дека малијските и руските сили влегле во заседа на туарешките бунтовници и борците од огранокот на Ал Каеда, Џамат Нусрат ал Ислам вал-Муслимин додека чекале засилување, откако се повлекле од Тинзауатен.

Ниту војската на Мали, ниту Вагнер, кој во меѓувреме се инкорпорираше во групацијата наречена Африкански корпус, не дадоа точни бројки, но проценетиот биланс на загинати борци на Вагнер се движи од 20 до 80. Се верува дека загубите на руската платеничка единица се најтешки што ги претрпела во Мали откако пред две години почна да ѝ помага на воената хунта во борбата против бунтовниците.

Вагнер призна дека еден од неговите команданти бил убиен, а руски хеликоптер бил соборен во „жестоки борби“, велејќи дека биле нападнати од околу 1.000 борци.

Сепаратистите предводени од Туарезите тврдат дека убиле 84 платеници на Вагнер и 47 војници од Мали.

Пред повеќе од една деценија, централната влада на Мали ја загуби контролата врз поголемиот дел од северот по бунтот на Туарезите, поттикнат од барањата за посебна држава.

Безбедноста на земјата потоа дополнително се искомплицира со вмешаноста на исламистичките милитанти во конфликтот.

При преземањето на власта во државните удари во 2020 и 2021 година, војската ја наведе неспособноста на владата да се справи со овие немири.

Новата хунта стави крај на долгогодишниот сојуз на Мали со поранешната колонијална сила Франција во корист на Русија, во обид да ги смири немирите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ