петок, 26 јули 2024

Малечката Данка Илиќ е убиена, двајца мажи од Бор го признале убиството

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека нивните припадници ги уапсиле С.Ј. (50) и Д.Д. (50), двајцата од Бор, поради сомнеж дека ја убиле двегодишната Данка Илиќ.

Фото: Интерпол

Објавено на

часот

Сподели

Двајцата осомничени целосно го признале извршувањето на ова злосторство, во тек е пребарување на теренот во потрага по телото, се наведува во соопштението.

„Полицијата ја продолжува интензивната работа на овој случај, за што навремено ќе ја известиме јавноста“, се истакнува.

Веста за апсењето претходно ја соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ, на специјална седница на владата на Србија.

„Имаме лоши вести за ова дете, нашата мала Данка од Бор. Полицијата уапси две лица  кои, ако ова добро го разбирам, го извршиле убиството на Данка и, колку што сфатив, делото го признале двајцата. Со такви монструми си имаме работа“, кажа Вучиќ.

Тој кажа дека полицијата ги одвела до местото „каде што го фрлиле телото на детето“ и ѝ се заблагодари на полицијата на големиот труд и ангажман.

Српските медиуми неофицијално објавија дека осомничените биле уапсени утринава, поради сомнеж дека со автомобил го усмртиле девојчето, а потоа нејзиното тело го скриле на место кое се користи како дива депонија кај Бор.

Потврдено е дека двајцата уапсени се работници на Јавното комунално претпријатие Водовод Бор.

Истрагата на криминалистичката полиција укажува дека сè се случило на 26 март околу 13:52 часот, односно само седум минути откако, според пријавата на мајката, девојчето исчезнало.

На уапсените им е одредено полициско задржување до 48 часа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ