сабота, 27 јули 2024

Мал чекор на САД кон Куба

Прв пат од воведувањето на санкциите на Соединетите Американски Држави против Куба уште во 1960, кога претседател беше Двајт Ајзенхауер, сега се воведуваат мали олеснувања за приватниот сектор на карипскиот остров. Санкциите за Куба во САД во 1992 беа зацементирани со закон и повеќе пати заострувани. Дури во 2015 беа воведени одредени олеснувања во трговијата и туризмот, односно патувањата меѓу двете земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Приватниот сектор на Куба значително порасна откако владата во Хавана создаде правна рамка за мали и средни претпријатија во 2021. Од тогаш се формирани над 11.000 приватни фирми – од мали трговски дуќани до транспортни и градежни претпријатија. Тие претпријатија со својот увоз во последно време забележително го подобрија асортиманот на стока на островот, пишува Дојче веле.

За какви мерки станува збор?

Американската влада на 28 мај најави регулаторни промени „за да промовира слободен пристап до интернет на Куба, да ги поддржи независните кубански претприемачи во приватниот сектор и да го прошири пристапот до одредени финансиски услуги за кубанското население“, се наведува во соопштението за медиуми на американското министерство за финансии.

Мерките ќе им овозможат на кубанските претприемачи да отворат банкарски сметки во САД и да ги користат платформите на социјалните медиуми со седиште во САД, сајтовите за плаќање преку интернет и слично.

Новите прописи им овозможуваат на кубанските програмери на софтвер да ги понудат своите апликации за преземање кај Епл и Гугл. Тоа до сега не беше можно.

Министерството за финансии на САД ја поништува мерката од времето на Трамп со која на американските банки им се забранува да обработуваат трансакции меѓу Куба и банки во трети земји. Ова овозможува трансфер на пари за кубанските државјани сè додека испраќачот и примачот не подлежат на американски закони и се обработуваат преку трети земји. Директните банкарски трансакции со САД и понатаму се забранети.

Работењето на американските компании со делови на кубанската влада или војската останува ограничено. Кубанските компании чии сопственици имаат врски со кубанската влада исто така не би требало да профитираат од новите правила.

Куба: Ова е обид за поделба на општество

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез го критикуваше овој чекор како „ограничен“. „Тој не ги менува суровите ефекти и економското задушување кое им е наметнато на кубанските семејства со примената на ембаргото и ставањето на листата државни спонзори на тероризам. Овие мерки имаат цел да го поделат општеството“.

Министерството за надворешни работи на Куба даде слична изјава во официјално соопштение. „Уште еднаш, одлуката на американската влада е заснована на сопственото искривено гледање на кубанската реалност, вештачки одвојувајќи го приватниот сектор од јавниот сектор, иако двата се дел од кубанскиот економски систем и општеството во целост“, се наведува.

Мерки против миграцијата?

„Поддршката на кубанскиот приватен сектор ќе помогне во сузбивањето на нерегуларните миграции од островот со создавање на повеќе економски можности во самата земја“, цитира американскиот весник Мајами хералд функционер на американската влада.

Според американските медиуми, пакетот мерки бил спремен во септември минатата година, но наишол на отпор во Конгресот.

„Бајденовата администрација на кубанскиот приватен сектор му дава пристап до американскиот финансиски систем. Ова е потсмевање со американските закони, имајќи предвид дека на островот не е постигнат напредок кон постигнување на слободите а угнетувањето е влошено“, смета конгресменката со кубанско потекло Марија Елвира Салазар.

Поранешниот конгресмен Џо Гарсија, кој се залага за поголема поддршка на кубанскиот приватен сектор, ја пофали владата на Џо Бајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ