недела, 21 април 2024

Максим Димитриевски: Министерот за надворешни работи треба да учи од претседателот, а не да му диригира

Главната суштина на проблемот со институцијата претседател на држава кај нас е тоа што вие мора да имате независен претседател на држава којшто не зависи од политичките партии за да знае и да може да каже не, да изгради сопствен авторитет и интегритет врз база на поддршката којашто ќе ја добие од сите граѓани и ќе го штити граѓанинот пред законите и пред Уставот во делот на неговиот интерес, кога доаѓаат сите тие законски решенија, рече кандидатот за претседател од редовите на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Објавено на

часот

Сподели

„Дополнително, достоинствено ќе ја претставува државата вон границите и министерот за надворешни работи треба да биде неговиот прв соработник којшто треба да учи од претседателот, а не да му диктира и диригира. Врховен командант за пример кој кога ќе чекори на црвениот тепих пред своите војници и офицери ќе ги гледа како достоинствено стојат, опремени, нахранети, во солидни услови и решени животни проблеми, мотивирани и дополнително, значи тој треба да биде единствениот коректор како институција во суштинските реформи на судската власт и правосудството, бидејќи има директни ингеренции и во судскиот совет и во уставниот суд. Доколку сакаме правна држава, а тоа е основниот елемент, тоа го учевме по теорија на држава и право, што е постаро државата или правото? Немате држава без право, без правен систем. Ние правен систем имаме на хартија, но за жал нефункционален, максимално корумпиран и оттука главната корупција и политиките на неказнивост. Сето тоа како иден претседател на Македонија имам намера да го коригирам“, рече Максим Димитриевски, претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и негов кандидат за претседател на државата на претстојните избори во дебатната емисија „Стадион“ на Канал 77 со кандидатот за претседател Арбен Таравари на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“.

Тој додаде дека неговата проекција е на следните претседателски избори да ја бара поддршката на граѓаните и да се избори во вториот круг со кандидатот, без разлика кој ќе биде, дали од СДСМ или од ВМРО, да извојува убедлива победа и да стане претседател на Македонија, којшто суштински ќе постапува согласно уставните надлежности и ќе биде независен во своето постапување и нема да должи никому, освен на граѓаните.

„Ќе бидам најголемиот застапник и борец за македонскиот идентитет, јазик, култура, самобитност коешто датира од Крушево, Крушевската Република, Крушевскиот Манифест и асномските повелби, каде што ние Македонците првпат во својата историја формиравме, во една федерација, сопствена независна држава, која, денеска гледаме како пред очите со една многу свесна и вешта политика ни ја земаат и се обидуваат да ја трансформираат од прост тип во сложен тип на уредување, се со некои лични, лукративни цели коишто не се наши национални цели, туку се цели на одредени поединци коишто ги водат моноетничките партии“, додаде Димитриевски.

„Јас верував силно во еден таков концепт, едно општество за сите, коешто за жал пропадна поради лоша имплементација на власта, тогаш и колегата Таравари, на самиот почеток мислам дека беше три месеци министер, јас неполна една година во Собранието, и верував дека се бориме за заеднички вредности, за држава којашто ќе ја почитуваме сите, сите нејзини државни обележја, вклучувајќи ја и химната, а се случи да се интерпретира химна на друга држава во Парламентот, а најголем дел да го премолчат тоа и оттогаш почнаа политичките игри од коишто кај мене дојде најголемото разочарување. Бев еден од тие коишто под тоа мото кренав рака, бидејќи за мене не е никаков проблем дали функцијата претседател на држава или пак премиер, претседател на Собрание ќе ја врши припадник од некоја друга етничка заедница, а не од македонскиот народ, туку треба да биде квалитетен човекот, да биде патриот, да ја сака Македонија. За време на посетата во Албанија, кога претседателот на Собранието, Џафери го започна состанокот зборувајќи на албански јазик, а јас реагирав на тоа, ја сфатив суштината на тоа што всушност се случува. И сфатив дека тука се работи само за купување на време и обиди за редефинирање на државата“, рече Димитриевски и објасни: „Видете за тоа што се случи во парламентот историјата ќе суди. Јас бев таму во тие моменти во тие убедувања и постапив така, ако некој ве напаѓа, вие сте должни да се самозаштитите и да се браните. Тоа што државата не обезбеди систем да бидат заштитени тие коишто беа таму, значи тука е пропустот. Но, селективната амнестија што подоцна се случи е феномен за којшто некој треба да одговара, зошто, за да се обезбеди парламентарна поддршка им беше простено на тие коишто беа главните актери, а беа осудени оние коишто учествуваа во толпа. Но, како и да е нека потврди историјата за тоа“.

Запрашан кој бил најдобриот претседател на независна Македонија, Димитриевски одговори: „Веројатно најдобриот претседател во историјата на Македонија бил Јосип Броз Тито. Бидејќи тој даде можност, заедно со тогашната политичка партија, Комунистичка партија на Македонија, ние формиравме независна, сопствена, суверена држава. Држава во којашто беше признаена и оформена Македонска православна црква, првиот македонски факултет, првата Академија на науки, безброј фабрики, безброј училишта изградени, тоа што ние денеска во периодот тогашен од 35 години се изгради, 32, 33 години независна Македонија не може да се бојадиса, а најголем дел е затворено“.

„Сите наши претседатели досега имале свои предности и мани. Лично би го издвоил господинот Киро Глигоров со неговата голема мудрост, иако имаше неколку погрешни изјави, но сметам дека тие соодветствувале на времето и тајмингот, со цел Македонија да се впише во рамките или редовите на државите во Обединетите нации и знам дека не му било лесно. Бил соочен со големи предизвици и јас лично го почитувам. Но, единствениот проблем којшто го гледам е одвојувањето од државата, коешто се случи на мирен начин, но сепак се дозволи Македонија целосно да се демилитаризира и остана кревка. Дедо ми, којшто беше учесник во НОБ велеше – државата и куќата се чува со луѓе, со мотивирано, стабилно семејство, со кохезија, а државата се чува со оружје, армија и систем“, рече Димитриевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ