„САД треба да ни помогнат да ја промениме природата на ситуацијата и да ја убедат Русија да седне на преговарачка маса“, додека Европејците ќе треба да „изградат безбедносни гаранции“ за Украина, што ќе биде нивна примарна одговорност, изјави Макрон за време на годишниот состанок на француските амбасадори на кои им ги презентираше главните точки од својата надворешна политика.
Макрон рече дека Европа треба побрзо да ја зајакне својата одбранбена индустрија соочена со растечките закани.
„Прашањето е дали Европејците сакаат да го произведат она што ќе им биде потребно за безбедноста во следните 20 години или не, затоа што ако зависиме од американската индустриска и технолошка одбранбена база, тогаш ќе имаме големи дилеми и стратешка зависност“, изјави тој.
Макрон, исто така, рече дека Иран го претставува „главниот стратешки и безбедносен предизвик за Франција, Европејците, целиот регион и пошироко“ и дека тоа ќе биде приоритетно прашање во дијалогот што ќе го води со новата американска администрација на Доналд Трамп.
„Забрзувањето на нуклеарната програма на Иран нè носи многу блиску до точката на прекин“, рече Макрон.
Францускиот претседател оцени дека светот треба да гледа на промената на власта во Сирија „без наивност“ и вети дека нема да ги напушти тамошните курдски борци кои се сојузници на Западот во борбата против тероризмот.
Франција ќе поддржи долгорочна транзиција во Сирија во корист на „суверена, слободна Сирија која ќе ја почитува својата етничка, политичка и верска плуралност“.