сабота, 27 јули 2024

Макрон: Русија не е голема сила, туку средна сила со нуклеарно оружје, не се плашете

Францускиот претседател Емануел Макрон во разговор објавен од весникот Ле Паризиен синоќа повтори дека во одреден момент може да бидат потребни западни копнени операции во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Јас не го сакам тоа и нема да покренам таква иницијатива, но можеби во одреден момент ќе бидат потребни операции на теренот, какви и да се тие, за да им се спротивставиме на руските сили“, рече Макрон. „Силата на Франција е во тоа што можеме да го направиме тоа“, додаде тој.

Ден претходно, францускиот претседател се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск во Берлин.

Постојаните изјави на Макрон дека не сака да ја исклучи можноста за испраќање копнени сили во Украина предизвикаа загриженост кај сојузниците на Франција, пред сѐ Германија, и речиси едногласно противење кај француската опозиција.

Во разговорот за Ле Паризиен Макрон тврди дека нема несогласување со Берлин во овој поглед. „Нема стратегиски разлики“, рече тој.

„Никогаш немало никакво недоразбирање меѓу канцеларот и мене. Имаме многу блиски ставови за целите и ситуацијата. Начинот на кој ги изразуваме се разликува“, додаде тој.

„Германија има стратегиска култура на голема претпазливост, неинтервенција, и се држи подалеку од нуклеарното оружје“, објасни тој. „Тоа е модел што многу се разликува од моделот на Франција, која има нуклеарно оружје и ја зачува и ја зајакна професионалната армија“, рече тој.

Макрон рече дека ќе го посети Киев во наредните недели. Тој исто така нагласи дека помошта на Франција и Германија за Украина може да се надополнуваат.

„Германија троши повеќе од Франција, има повеќе буџетски простор, тоа е можност. А Франција, од друга страна, може да прави работи што Германија не може“, рече тој, а потоа ја релативизираше силата на Русија:

„Не треба да се плашиме, не се соочуваме со голема сила, Русија е средна сила со нуклеарно оружје, но нејзиниот БДП е помал од БДП на Европејците, помал од германскиот, помал од францускиот.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ