Изјавите на Макрон доаѓаат во време на големи геополитички промени, додека Доналд Трамп ја доведува во прашање актуелната политика на САД кон Украина и Русија и ја преоценува својата посветеност на трансатлантската безбедност.
Говорејќи за време на дводневната посета на Португалија, Макрон истакна дека Европа мора да биде „пообединета и посилна од кога било“ и да преземе одлучувачки чекори во технолошкиот, индустрискиот и одбранбениот сектор.
„Гледам многу луѓе во Европа кои велат: Мораме да бидеме љубезни со Американците, ова ќе помине, мора да се покориме“, рече Макрон во изјавата што ја пренесе БФМ ТВ.
Но, тој додаде дека „покорувањето не е решение“, предупредувајќи ја Европа дека „не смее да западне во среќни вазални односи“. Неговата изјава доаѓа во контекст на европските дискусии за зголемување на трошоците за одбрана за зајакнување на сопствените капацитети и поддршка на Украина.
Посетата на Макрон на Португалија уследи по неговото патување во Вашингтон, каде што се обиде да го убеди Трамп да се посвети на безбедносните гаранции за Украина по војната. Според извори од ЕУ, францускиот претседател не успеал да добие јасни ветувања од Трамп, а неименуван европски функционер ја опиша неговата посета како „губење време“, пишува Политико.
Иако овој геополитички контекст е нов, Макрон долго време се залага за стратешка автономија на Европа и нејзина независност од американското влијание. Додека поддршката на САД за Украина станува сè понеизвесна, Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ја водат иницијативата за испраќање европски мировни сили за следење на евентуалниот прекин на огнот во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе се состане со Трамп во Вашингтон, каде се очекува да разговараат за можните американски безбедносни гаранции за Украина и да потпишат рамковен договор за украинските минерали и други ресурси.