понеделник, 21 октомври 2024

Макрон му продаде „рафали“ на Вучиќ

Србија вчера во рамки на дводневната посета на францускиот претседател Емануел Макрон потпиша договор со француска компанија за купување на повеќенаменски борбени авиони од типот „рафал“. Договорот што во Белград го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и извршниот директор на компанијата „Дасо авиасион“, Ерик Трапије, вклучува и набавка на „придружна опрема и услуги“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничка прес-конференција со Макрон најави дека „во Србија ќе пристигнат 12 нови авиони рафал“ кои ќе чинат 2,7 милијарди евра, но не прецизираше кога Србија ќе ги добие авионите.

„Договорот е потпишан со комплетен логистички пакет, од резервни мотори до сè останато. Вкупната вредност на договорот е 2,7 милијарди евра. Дванаесет сосема нови авиони ќе бидат во сопственост на Србија“, изјави Вучиќ по средбата со Макрон.

Тој изјави дека оваа набавка значително ќе придонесе за зголемување на оперативните можности на Војската на Србија, заблагодарувајќи му се на Макрон што ја овозможил оваа набавка. Тој додаде дека Србија во 2024 и 2025 година ќе плати по 15 отсто, односно 421 милион евра од буџетот, нагласувајќи дека тоа нема да го зголеми учеството на јавниот долг во бруто домашниот производ на Србија. „Целосно го контролираме дефицитот и на ниту еден начин нема да ги загрозиме јавните финансии на Србија“, рече Вучиќ.

По разговорите меѓу Макрон и Вучиќ, претставници на Србија и Франција синоќа разменија уште 11 потпишани документи, вклучително и писмо за ангажман за проценка на потенцијалот за развој на цивилна нуклеарна програма во Србија во рамки на Меморандумот за разбирање меѓу француската електроенергетска компанија ЕДФ и српската влада. Потпишана е и Изајва за намери меѓу Владата на Србија за стратешко снабдување со руди и метали на Франција и за партнерство и соработка во областа на истражување и експлоатација на критични и стратешки минерални суровини.

Вучиќ рече дека потпишаните договори покажуваат дека соработката на овие две земји се протега низ сите сфери на општествениот живот.

„Тука се за нас некои клучни работи и многу важни работи за потенцијалната соработка во рамки на развојот на нуклеарните програми за кои го замолив претседателот Макрон. Затоа што Србија за десет години, тоа сите мора да го разберат, нема да има доволно струја ако не користи нуклеарна енергија. Франција има 70 отсто од својата енергија преку нуклеарни реактори, нуклеарни програми. Се работи за чиста енергија, тоа е единствениот начин да обезбедиме доволно енергија“, рече Вучиќ.

Во Србија е на сила забрана за изградба на нуклеарни постројки од 1989 година, но најавени се измени на постоечкиот Закон за енергетика.

Макрон рече дека со своето присуство сака уште еднаш да испрати порака за пријателство меѓу Франција и Србија, нагласувајќи дека во последните пет години односите меѓу Србија и Франција доживеале нов подем. „Нашата економска соработка е зајакната. Француските компании долгорочно се ангажирани во инфраструктурни проекти“, рече францускиот претседател.

Фокусот на посетата на Макрон на Србија беше токму набавката на француските авиони „рафал“, што кабинетот на францускиот претседател го опиша како дел од пошироката стратегија за „доближување на Србија до Европската унија“.

Макрон, исто така, во вчера објавената порака до српската јавност, се обиде да ја охрабри Србија да продолжи да се стреми кон иднината во ЕУ, но изјави дека „перспективата за влез во Европската унија не изгледа толку привлечна како што треба да биде“. Макрон посочи дека постои „загриженост и замор во однос на темпото на пристапните преговори, но понекогаш и одредена огорченост, дури и недоверба“ кон ЕУ.

„Денеска доаѓам повторно во Србија со едноставна порака: на Европската унија и на нејзините народи им е потребна силна и демократска Србија во своите редови, а на Србија и е потребна силна и суверена Европска унија која ќе ги брани и промовира своите интереси, почитувајќи го својот идентитет“, рече Макрон во писмото објавено во весникот „Данас“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ