петок, 10 јануари 2025

Макрон исвиркан во Мајот (ВИДЕО)

Францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со критики за време на посетата на Мајот, француски архипелаг во Индискиот Океан. Откако локалните жители го пречекаа со свирежи и повици за оставка, Макрон одговори: „Јас не сум циклон. Јас не сум одговорен“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Маркон вчера пристигна во Мајот, пет дена откако циклонот Чидо предизвика огромна штета. Илјадници луѓе сè уште немаат пристап до вода, а спасувачите продолжуваат со напорите за пронаоѓање на исчезнати лица. Макрон рече дека ја продолжил посетата во знак на почит.

Тој вети дека ќе испрати повеќе помош и додаде дека Франција го прогласи понеделник за национален ден на жалост. Француските власти објавија дека најмалку 31 лице загинало, но се очекува бројот на жртвите да биде многу поголем, а илјадници сè уште се водат за исчезнати. Голем дел од архипелагот сè уште е без електрична енергија.

Официјалните лица велат дека снабдувањето со храна и вода се главен приоритет. Макрон изјави дека при посетата со себе донел четири тони храна и медицински материјали. Откако го обиколи регионот со хеликоптер за да го види пустошот, тој рече дека никогаш нема да го заборави вчерашниот ден.

Макрон најави реконструкција на уништената инфраструктура и домовите на островите. Луѓето му извикуваа „Макрон дади оставка“, „зборуваш глупости“ и „вода, вода, вода“ додека тој ги гледаше оштетените места. За време на неговата посета на болничкиот центар Мамуџу, една жена му рече: „Никој не се чувствува безбедно тука… луѓето се караат за вода“.

„Помошта не стигна таму каде што живеам“, додаде друг маж. Сепак, има и такви кои се благодарни за посетата на Макрон и го поканија да остане подолго.

Територијата, која се наоѓа северно од Мадагаскар, е најсиромашниот дел на Франција. Страда од големи социјални и економски проблеми, вклучително и високи стапки на илегална имиграција од соседните Комори и слаб квалитет на домување и јавни услуги. Се верува дека мигрантите се меѓу најпогодените од циклонот.

Чидо – најлошата бура што го погодила архипелагот во последните 90 години – донесе ветрови со брзина од повеќе од 225 километри на час во саботата, срамнувајќи ги областите каде што луѓето живеат во бараки со лимени кровови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ