На заедничката прес-конференција со Туск, Макрон рече дека Русија „сè повеќе го напаѓа информирањето и се меша во изборите насекаде во Европа“.
„Видовме каква беше ситуацијата во Романија. Соочени сме со тоа и не сме наивни. Овде, во Европа, манипулациите и хибридните напади од субјекти поврзани со Русија стануваат сѐ почести. Треба да го зајакнеме надзорот и да гарантираме дека нема можност за сајбер-напади“, рече францускиот претседател.
Макрон изјави дека цел на руски напад била прво Молдавија, а потоа Грузија, за да влијае на исходот на изборите.
„Во Грузија има многу јасни напади, многу јасни манипулации. Би сакал да ги поддржам сите поддржувачи на европскиот пат во Грузија“, рече Макрон.
Полскиот премиер Туск рече дека неговата влада „никако нема да толерира“ мешање во претседателските избори во земјата следната година.
„Во Полска, претседателот следната година ќе го изберат Полјаците, а не Кремљ или (рускиот претседател Владимир) Путин, кои многу агресивно се обидуваат да го направат тоа. Ги предупредувам сите што би се мешале дека ќе најдеме начини да ја заштитиме полската демократија. И таму ќе соработуваме со Франција“, рече Туск.
Тој апелираше до Европејците и НАТО да разберат дека Полска го носи најтешкиот товар во Европа во врска со војната во Украина.
„Ние ги сносиме овие трошоци затоа што сметаме дека така треба да биде, дека тоа е во интерес на мирот. Молам сите во Европа да разберат дека Полска ја презеде заштитата на границата на НАТО и ЕУ со Русија. 4,7 отсто од нашиот бруто-домашен производ оди за одбрана и за моментално најчувствителната граница во ЕУ. Сите мора да разберат дека на Полска ѝ е потребна поддршка во ова“, рече Туск.
Со парите доделени од ЕУ за Полска за обезбедување на границата со Белорусија и Русија и за утврдување на источната граница на Полска, таканаречениот Источен штит, Унијата се согласи со барањето на Полска да ѝ овозможи во време на криза и илегална миграција, „диригирани од Москва и Минск“, да престане ги прифаќа барањата за азил иако тоа ги прекршува и меѓународните конвенции и законодавството на ЕУ.