сабота, 27 јули 2024

Макрон го избра 34-годишниот Атал за најмлад премиер на Франција

Габриел Атал е именуван за следен премиер на Франција, додека Емануел Макрон се стреми да го оживее своето претседателување со нова влада, вели Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со 34 години, тој е најмладиот премиер во модерната француска историја, надминувајќи го дури и социјалистот Лоран Фабиус, кој имаше 37 години кога беше назначен од Франсоа Митеран во 1984 година.

Атал ја замени Елизабет Борн, која поднесе оставка по 20 месеци на функцијата.

Целото тоа време таа се бореше со недостигот од мнозинство во парламентот.

Габриел Атал, кој моментално е министер за образование, сега ќе има задача да ја внесе француската влада во важните избори за Европскиот парламент во јуни.

Неговиот подем е брз, вели Би-би-си. Пред десет години привлечниот Атал беше непознат советник во Министерството за здравство и активен член на социјалистите.

Тој, исто така, ќе биде првиот отворено хомосексуален станар во Матињонската палата, официјалната резиденција на францускиот премиер. Тој има граѓанско партнерство со уште едно Макроново „генијалче“, европратеникот Стефан Сежурне.

Но со оглед на тешкотиите на вториот мандат на претседателот – и зголемениот предизвик од националистичката десница – дали е доволна само „привлечноста“ за да се надмине тоа, прашува Би-би-си.

Згоден, младешки, шармантен, популарен, уверлив, Атал доаѓа на функцијата следејќи ги облаците на славата – исто, може да се каже, како и неговиот ментор, самиот претседател.

Но како и многумина од неговата генерација, тој беше инспириран од идејата на Емануел Макрон за разбивање на старата поделба лево-десно и менување на кодовите на француската политика.

Анкетите покажуваат дека тој е убедливо најпочитуваниот член на владата на Макрон – на исто ниво како главниот непријател на претседателот, националистката Марин Ле Пен, и нејзиниот младешки колега Џордан Бардела.

Но, како што стојат работите, вели Би-би-си, Атал ќе се соочи со истите проблеми како и неговата измачена претходничка Елизабет Борн.

Тоа се: тврдодесничарска опозиција чија популарност расте и се чини дека лесно ќе победи на европските избори во јуни; Народно собрание без вградено мнозинство за владата, правејќи го борба секој нов закон; и претседател што изгледа не може да дефинира што сака да постигне неговиот втор мандат.

Дури и опозициските личности признаваат дека тој е класа – почитуван е и сакан во Националното собрание, вели британскиот медиум.

Но, прашањето е за што тој всушност се залага. Сомнежот кај многумина е дека тој е само насмеан и добар говорник, слично како човекот на кој му ја должи кариерата.

Како кандидат на претседателот, тој е чудо од дете на чудото од дете. Но ако тој е само мини-Макрон, чудото може да се покаже како фатаморгана, заклучува Би-би-си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ