вторник, 22 октомври 2024

Макрон: Апсењето на основачот на апликацијата Телеграм не е политичка одлука

Павел Дуров, основачот на апликацијата за размена на пораки Телеграм кој е роден во Русија, е уапсен во Франција во рамки на судска истрага која е во тек, а апсењето не е политички мотивирано, кажа денес францускиот претседател Емануел Макрон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Постот на Макрон на социјалната мрежа Икс е првата официјална потврда за апсењето на Дуров речиси два дена откако тој беше задржан на аеродром во близина на Париз, набрзо откако слетал со приватен авион од Азербејџан.

Немањето официјална потврда предизвика нагаѓања за причините за притворањето. Макрон кажа дека „прочитал лажни информации во Франција по апсењето на Павел Дуров“.

„Апсењето на основачот на Телеграм на француска територија се случи во рамки на судска истрага која е во тек“, напиша Макрон. „Ова на никој начин не е политичка одлука. Одлуката е на судиите“, додаде францускиот претседател.

Дуров има двојно државјанство на Франција и на Обединетите Арапски Емирати, а уапсен е во рамки на прелиминарна полициска истрага за потенцијално допуштање широк спектар злосторства поради недостигот од модератори на Телеграм, како и несоработувањето со полицијата, кажа извор од француската полиција.

Дуров е роден во Русија, а Телеграм го основа со братот во 2013. Ја напушти Русија во 2014, откако одби да попушти пред барањата на владата да ги изгази опозициските заедници на својата платформа Вконтакте, која ја продаде.

Телеграм е шифрирана апликација, има блиску до милијарда корисници и особено е популарна во Русија, Украина и републиките на поранешниот Советски Сојуз.

Таа е рангирана како една од главните социјални мрежи по Фејсбук, Јутјуб, Ватсап, Инстаграм, Тикток и Вичет. Форбс го проценува богатството на Дуров на 15,5 милијарди долари.

Дуров во април кажа дека некои влади се обидувале да извршат притисок врз него, но смета дека апликацијата треба да остане неутрална платформа, а не „играч во геополитиката“.

Апсењето на директорот на Телеграм предизвика предупредување на Москва до Париз да му се почитуваат неговите права, како и критики од сопственикот на Икс Илон Маск, кој кажа дека слободата на говорот во Европа е нападната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ