петок, 27 декември 2024

„Макпетрол“ ќе овозможи работилници против врсничко насилство и во Валандово

Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничко насилство“, се проширува и во Валандово. Градоначалникот на општината, Перо Костадинов, и членката на управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска потпишаа меморандум за соработка со цел поефикасна реализација на активностите. Во нивни рамки, учениците ќе се здобијат со знаења преку работилници против булинг, а ќе биде испечатен и доставен и едукативен материјал.

Објавено на

часот

Сподели

На општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ од почетокот на 2024 се приклучија и Дојран, Кочани, Охрид, Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец и Чучер-Сандево. До крајот на минатата година, компанијата потпиша меморандуми за соработка и со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров.

Дел од активностите во Валандово, како и во останатите 18 општини, се образовните средби предводени од психолог со долгогодишно искуство со проблемот со булингот. Покрај учениците, во работилниците учествуваат и наставниците, но и други членови на стручните служби. Освен знаења наменети за децата и за младите, преку кои тие ќе можат полесно да се справат со врсничкото насилство, на овие едукативни средби се пренесуваат и искуства кои што педагозите и психолозите можат да ги искористат во секојдневната настава.

За сите 19 општини што се приклучија на општествено одговорната кампања „Макпетрол“ овозможи работилници и едукативни материјали. Во дел од нив овие образовни средби веќе се завршени, во дел се во тек, а во останатите ќе бидат комплетирани во следниот период. Тема на работилниците се подетално запознавање со физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството како форми на булинг, но и начините како со нив учениците да се справуваат.

Интернет-страницата kreniglas.mk, исто така, содржи опсежни информации за врсничкото насилство. Преку оваа платформа, секој што чувствува потреба да го сподели своето лично искуство со булингот, може тоа да го направи анонимно.

Преку активностите што се дел од „Крени глас против врсничко насилство“ се исполнува една од стратешките цели на „Макпетрол“ – општествената одговорност. Во таа насока, компанијата ќе продолжи да реализира проекти кои што на децата и на младите ќе им помагаат и ќе им обезбедуваат поддршка за развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ