сабота, 27 јули 2024

Маки тетовски – ем нема вода, ем не се дише од чадот од депонијата која уште гори

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за голем дефект во системот за снабдување на градот со вода, поради што жителите на Тетово во источниот дел од градот над 24 часа останаа без вода за пиење. Според информациите на Јавното комунално претпријатие Тетово дефектот е поправен и во текот на денот водоснабдувањето ќе се нормализира.

„Цел ден вчера немавме вода. Проблемот е и во тоа што кога се јавивме во ЈКП Тетово не ни даваат информација што се случува, зошто нема и кога ќе дојде. Кога би имале такви информација би знаеле како да постапиме“, вели жител на зграда на улицата „Благоја Тоска“.

Раководителот на работната единица Водовод при ЈКП Тетово, Љуљзим Шаќири информира дека проблемот настанал во т.н редуктор односно место каде се двои водата за источниот дел.

„Проблемот настана во раздвојна шахта или редуктор за левата страна од градот, кај стара библиотека, каде имаме раздвојуваме дел за Дреновец, стадион како и за централно градско подрачје, пазар, Блок 52, „Благоја Тоска“, „Маршал Тито“. Не може навечер да се интервенира, поради специфична опрема на редукторот. Таква опрема, не може да се купи, туку ако фали делче се чека месец дена, дека ливници ги прават со прецизна механика. Добро е што имаше поблага форма на проблем, беше најдено решение и ќе се полни системот од денес. Од 9 часот утринава пуштена вода и ќе добиваат постепено граѓаните. Се зависи од тоа дали имаат хидрофор во зградите“, изјави Шаќири.

Од ЈКП Тетово со потсетување дека сè уште се соочуваат со нередовна и ниска наплата на сметките за вода и апелираат граѓаните да ги плаќаат редовно сметките.

д

Во исто време, не се знае како ќе заврши проблемот со отровниот чад од изгорено ѓубре од разни видови, веројатно и од штетни хемиски соединенија, кој покрај во Тетово, е раширен низ целиот Полог. Депонијата на 20 километри од Тетово и на 10 од Гостивар, во Општина Брвеница, и натаму гори, пожарникарите се на терен. Вчера лицето кое ја добило на управување оваа депонија не дозволуваше новинарските екипи да снимаат, велејќи дека е тоа приватен имот, но исто така тој им се заканувал на снимателите.

„Иста е ситуацијата, и натаму интервенираме за да изгаснеме пожарот што избувна вчера. Денеска имавме и други интервенции на иста локација, во Општина Брвеница. Досега исфрливме вода од 40 камиони кои имаат капацитет да носат по десет тони и пак има оган, информира Авни Амети, командир на Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Тетово.

д

Според него, ситуацијата е алармантна и треба да има помош од државните институции.

„Потребна ни е помош од сите институции да излезат во пресрет поради ситуацијата. Треба да ги смириме граѓаните зошто често се јавуваат за загадување на воздухот. Имаат право. Чекаме да се вклучат сите институции да ја завршиме депонијата. Вчера контактиравме со експерт кој посочи дека овој смет мора да се стави во голема дупка и да се затрупа со земја. Таму на локацијата е почнато да се копа. Се надевам дека денес ќе се смири чадот“, истакнува командирот.

Депонијата се запали во вторникот еден час по полноќ.

Градоначалниците во Полог на своите фејсбук профили, засега не се осврнаа на проблемите со воздухот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ